Основен суд Скопје 1 демантира дека за случајот со Божиновски го крши законот

Сподели

Zoran-Bozinovski-uapsen

Основен суд Скопје 1 ги демантира пишувањата на одредени медиуми, дека предметот по обвинение на Обвинителството за организиран криминал и корупција за новинарот Зоран Божиновски, во јавноста познат како „Шпион“, од нивна страна не бил предаден на Специјално јавно обвинителство.

„Имено до Кривичниот суд не е доставена никаква одлука од страна на Апелациониот суд Скопје со која предметот се презема од страна на СЈО ниту таква одлука доставило СЈО до овој суд или било какво барање во оваа смисла. Надлежностите на обвинителствата – Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и СЈО не е работа на Кривичниот суд, на судот му е важно да има присутен овластен обвинител кој го води предметот и истиот го има проучено и воедно е надлежен по закон да присуствува на закажаните рочишта што ќе се одржат доколку се исполнат условите за нивно одржување,“ се вели во реакцијата на Основен суд Скопје 1.

Во однос на информациите дека судот го крши законот со тоа што побарал мислење од ОЈО за организиран криминал и корупција не од СЈО, соопштуваат дека, „мислење е побарано онака како што налага законот, односно од обвинителот што го поднел обвинението и се легитимирал во постапката.“

„Сите информации што беа објавени од страна на одредени портали и други изјави во врска со наводното „кршење на законот“, судот ги отфрла целосно како невистинити, неточни и тенденциозни со цел јавноста да добие искривена слика за законското постапување на судот и недоразбирањето на двете обвинителства околу нивните надлежности и лоша намера во сето ова да се вовлече Кривичниот суд пред кој постапуваат странките во постапката,“ се вели во реакцијата Основен суд Скопје 1.

meta.mk