ПАРИЗ: Почнува Самитот на климата “Една планета” без САД

Сподели

Денеска во Париз почнува средба на врвот, посветена на климатските промени, наречена „Една планета“, но овојпат САД нема да бидат претставени од високи функционери.

Самитот „Една планета“ (One Planet Summit), е организиран на предлог на Франција, во соработка со ОН и Светска банка, а пред сѐ поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој одлучи да ги повлече САД од климатскиот договор.

Датумот не е избран случајно, туку поради симболиката што денеска се навршуваат точно две години откако на Меѓународната конференција на ОН за климатските промени беше усвоен историскиот “Договор за борбата против глобалното затоплување”.

Во пресрет на денешниот Самит, францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека неговиот американски колега ќе понесе историска одговорност поради одлуката за повлекувањето од Парискиот договор за климата.

– “Жалам, но го кажувам она што го мислам, а тоа е голема одговорност пред историјата и речиси сум сигурен, дека мојот пријател, претседателот Трамп, ќе го смени мислењето во следните месеци или години”, изјави Макрон во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес.

Шефот на француската држава, оцени дека е „исклучително агресивно некој сам да донесе одлука“ за повлекување од договорот, склучен меѓу 190 држави во 2015 година.

-” Не сум подготвен на нови преговори, но сум подготвен да го примам Трамп, доколку тој одлучи да се врати на договорот”, истакна Макрон.

Макрон ја нагласи историската природа на борбата против затоплување на климата.

– “Ако одлучиме да не дејствуваме и да не го смениме начинот на кој го вршиме производството, начинот на кој инвестираме, ќе бидеме одговорни за милијарди жртви. Не сакам да бидам лидер кој ќе биде во таква ситуација, така што треба сега да дејствуваме”, потенцираше францускиот претседател.

Самитот ќе биде посветен на клучното прашање за финансирање: како да се насочат светските пари во инвестициите кои се добри за животната средина и како да им се помогне на јужните држави.