ГРУЕВСКИ ЗАМИНУВА, ГРУЕВИЗМОТ ОСТАНУВА! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Не треба да се биде некаков јасновидец или високо рангиран политички аналитичар за да се предвиди текот и исходот на претстојниот вонреден Конгрес на најголемата македонска опозициска партија. Неговите главни насоки беа јасно зацртани во моментот кога досегашниот лидер ја обелодени својата одлука за повлекување од челната партиска позиција. А тоа е, дека независно какви ќе биле резултатите од (длабинската) анализа на изборите, дури неговата вина да била мала, или најмала, па и никаква, тој ќе поднел оставка пред органите на партијата.

Со други зборови Никола Груевски допушта дека можеби направил некои грешки во изборниот настап (веројатно мислел на преговорите со Али Ахмети и ДУИ), но, дека сето тоа не ја доведува во прашање неговата севкупна политика која ја водеше во изминативе 11 години. Напротив, смета дека таа била успешна и целосно ставена во служба на одбрана на националните и државни интереси, а изборниот пораз бил резултат на меѓународен заговор, спроведен со државен удар и насилна смена на власта. Крајната цел на таа операција според него, била да се изнуди промена на нашето уставно име, со што државата би го загубила својот национален идентитет, независноста и основите на сувереноста.

Како што е познато, ваков став постои и се брани од највисоките партиски органи кои што како организатори на конгресот во ниеден момент не ја ставија на преиспит досегашната внатрешна и надворешна политика, ниту пак излегоа со било каква осуда на крвавите априлски настани во македонскиот парламент. Уште повеќе, сите најавени претеденти за лидерското место ( Мицковски, Димовски, Милошоски, Тодоров, Поповски и некои други што самите се промовираа), се личности од најтесното опкружување на Груевски, директни реализатори на неговата погубна политика.

Дури и повеќето партиски фракционери, познати како реформисти, освен што прокламираат демократизирање на ДПМНЕ преку статуарни корекции и смена на партискиот водач, во своите јавни настапи упорно одбегнуваа да се произнесат околу главните  постулати врз кои се градеше партиската политика и нејзините погубни последици по општеството и државата. Груевизмот како начин и систем на тиранско владеење, како извор на коруптивност и политички злоупотреби во нивните партиски проекции, едноставно се премолчени или срамежливо укорени поради програмски недоследности.

Во тој контекст, илузорно е да се очекуваат некои пресвртни конгресни одлуки кои што би воделе до подлабока партиска трансформација и консолидација. Најавите за можност од нејзина опозициска конструктивност во донесувањето на клучните реформски закони со кои би се овозможил побрз пристап до евро-атлантските интеграции се покажуваат како нереални, бидејќи последните настани со протестите и барањата за амнестија на учесниците во терористичкиот упад во Собранието, проследени со секојдневни бојкоти на собраниските комисии и на општинските совети, водат кон натамошни конфронтации и кон ново распламтувње на политичката криза. Криминалната тајфа на Груевски, соочена со најтешки кривични обвиненија, прави сѐ што е во нејзината моќ да ја задржи партиската превласт и со помош на проверените режимски послушници да испровоцира состојби преку кои би се испазарила нивната слобода.

Според тоа, во краен случај можно е да се случат остри процедурални полемики околу изборот на новиот лидер, можеби и поделби и напуштање на конгресната сала од  страна на одделни незадоволни делегати но, на крајот се и ќе заврши како што и започна: со скандирања со името на Груевски, со извици нема оставка и разбирливо со хистерични повици против хунтата на Заев! Притоа, новоизбраниот лидер ќе му искаже неопислива благодарност на досегашниот шеф за успешното водење на партијата и државата, за неговата историска улога во одбрана на националната кауза, со уверувања дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи доследно да го остварува неговото дело по скорешното враќање на власт.

Резимирано: Груевски заминува од челната позиција ама, партијата и понатаму останува цврсто во неговите прегратки, со тоа што огнените пропагатори на груевизмот, инсталирани како академици, универзитетски професори, уметници, историчари, новинари, во сите позначајни национални инстутиции, восхитено ќе продолжат да ја величат неговата историска мисија, сметајќи дека неговата одбрана треба да биде првостепена задача на секој вистински големо-македонски патриот!