Вести Колумна Свет Ударни вести

Партиципативниот социјализам на Томас Пикети – Ивана Велковска

Сподели:

 

Според Пикети, секој граѓанин кој ќе наполни 25 години треба да добие од државата износ кој соодветствува на 60% од просечното богатство по жител. На тој начин, секој граѓанин ќе биде на еднаква, или во најмала рака слична почетна позиција како и секој друг, пишува Ивана Велковска за Республика.

Томас Пикети е француски економист и професор на Париската школа за економија, колумнист и автор на неколку книги кои редовно се појавуваат на листата на најдобро продавани. Уште како студентка во 2014 година, корицата на неговата книга „Капитал во 21-от век“ провокативно обрабена во црвена боја ми го привлече вниманието во излогот на книжарницата и без да знам што да очекувам бев една од 2,5-те милиони луѓе кои одлучија да ја купат.

Ивана Велковска

После Глобалната економска криза и движењето „Окупирај го Волстрит“, анимозитетот кон банкарските елити и дебатите за корените на големата економска нееднаквост оправдано беа присутни во јавниот дискурс. Оваа книга понуди дотогаш невиден преглед на податоците за економската нееднаквост во западните земји од 18 век па наваму и истата ја објасни преку една кратка и едноставна формула: „r>g”.

Оваа формула укажува на тоа дека просечната стапка на поврат на капиталот („r“) е повисока од стапката на економски раст („g“), а вишокот на капитал кој се создава останува во рацете на најбогатите 1% од населението, креирајќи големи диспаритети во доходовната дистрибуција.

Економскиот раст, даноците и нееднаквоста

Во 19 век, само 2% од вкупното богатство припаѓало на првите 50% од населението, а денес тој процент е зголемен на 5%. Намалувањето на нееднаквоста која се случила во текот на 20 век всушност се должи на намалување на богатството на најбогатите 10% од населението, кои доколку на почетокот на векот имале 80-90% од вкупното богатство, сега имаат 50-60% од вкупното богатство.

Со оваа промена во дистрибуцијата се зајакнала средната класа која се протега од 40-от до 90-от перцентил, но проблематично е тоа што од 1980-те години па наваму средната класа бележи намалување на богатството.

Според Пикети, економската нееднаквост не е проблем само од морален аспект, туку и од економски и политички аспект, а решението за секоја небалансирана пазарна дистрибуција на доходот и богатството е ништо друго освен нивна редистрибуција. Она што беше новитет во оваа книга е тоа што главниот механизам на таа редистрибуција Пикети го замислува во облик на високи прогресивни даноци на богатство на глобално ниво, наместо на национално ниво.

На тој начин, капиталот „нема каде да избега“.

Ваквите предлози лесно наидуваат на одамна познатите аргументи дека високите даноци го уништуваат мотивот на економските субјекти за креирање на економски раст кој пак како таков има позитивен ефект на сите општествени слоеви преку „trickle down“ ефектот со кој „плимата ги крева сите бродови“. Контра аргументот на Пикети е дека американската економија бележи најголем просперитет токму во периодот од 30-те до 80-те години на минатиот век кога највисоката прогресивна даночна стапка во САД е на ниво од дури 90%.

Оваа ера на високи даноци во САД завршува со доаѓањето на Роналд Реган на политичката сцена, но во декадите што следат економската нееднаквост расте, а стапката на економски раст е двојно пониска од претходниот период.

Укажувајќи на тоа дека плимата не само што не ги кренала сите бродови подеднакво, туку и дека плимата е послаба од претходно (читај: економски раст).

Нов тип на социјализам

Во неговата наредна книга насловена „Капитал и идеологија“, Пикети го проширува фокусот и освен западните земји во анализата ги вклучува и земјите во развој и ја потенцира улогата на колонијализмот како извор на економските нееднаквости во овие земји. Тој оди дотаму да во оваа книга причините за економската нееднаквост не ги карактеризира како економски туку како политички.

Имено, според него, политичките идеологии се тие кои наоѓаат разни изговори за поттикнување на економските нееднаквости, па поради тоа, решението го гледа во нова идеологија која ја нарекува „партиципативен социјализам“.

Треба да се напомене дека зборот „партиципативен“ е акцентиран, како би дошло до јасна дистинкција помеѓу оваа идеологија и хиперцентрализираниот социјализам кој ги опустоши источно европските економии и општества во минатиот век.

Извор: pixabay.com

Како дел од новата парадигма, која Пикети потенцира дека е логична следственост од претходните напори на демократскиот социјализам кон еднакво општество, тој во седумнаесетото поглавје од ова прилично обемно четиво издвојува сет на мерки како би се постигнала поголема економска еднаквост. Во ова поглавје, освен глобалните прогресивни даноци на богатство, тој нуди предлози кон зајакнување на социјалната сопственост на компаниите и универзалнa капитална донација како механизам на редистрибуција на капиталот.

Универзална капитална донација за еднакви стартни позиции

Универзалната капитална донација е навистина интересен предлог во време кога во академските и политичките дебати сè поприсутни се предлозите за универзален основен доход („Universal Basic Income”).

Овој тип на мерки целат кон намалување на сиромаштијата и економската нееднаквост преку зголемување на личната потрошувачка. Поддршката на личната потрошувачка се покажа посебно важна со појавата на дефлациските тенденции како економска закана во западните економии после Светската економска криза од 2008 година. Дополнително, со пандемијата и енергетската криза која најмногу ги погодува токму најранливите категории на граѓани потребата од вакви мерки станува уште поевидентна.

Конкретно, предлогот на Пикети за универзална капитална донација подразбира дека секој граѓанин кој ќе наполни 25 години ќе добие од државата износ кој соодветствува на 60% од просечното богатство по жител. Во Западна Европа, САД и Јапонија во втората половина на претходната декада, просечното богатство по жител изнесувало околу 200,000 евра. Така, еднократниот износ на пари кој секој 25-годишник ќе го добие би изнесувал околу 120,000 евра.

Процентот на луѓе кои секоја година би полнеле 25 години изнесува околу 1,5% од вкупната популација во западните земји и сите овие би добиле еден дел од колективното богатство како своевидно наследство од државата.

На тој начин, секој граѓанин ќе може да го започне својот живот како возрасен со еднаква, или во најмала рака слична почетна позиција како и секој друг. Овие средства граѓаните би можеле да ги искористат за да си обезбедат живеалиште или пак за да започнат сопствен бизнис. Ограничената достапност на капиталот за првите 50% од населението повеќе не би претставувала пречка за тие да учествуваат активно и еднакво во економскиот и социјалниот живот, од што несомнено би имало корист целото општество.

Дополнително, на овој начин би се постигнал ефект на „подмладување на капиталот“ бидејќи во сегашната ситуација поради продолжувањето на животниот век, наследниците го добиваат капиталот сѐ подоцна во животот.

Соочен со прашањето за инфлацијата која претставува економска реалност во моментот, Пикети потенцира дека ваквите мерки подразбираат прераспределба на паричната маса преку оданочување, а не зголемување на паричната маса преку печатење на пари.

Светото тројство на прогресивни даноци според Пикети се состои од даноци на имот, даноци на наследство и данок на доход. Универзалната капитална донација би требало да се финансира преку данокот на имот и данокот на наследство кои заедно би придонеле за даночни приходи во износ од 5% од националниот доход. Прогресивниот данок на доход кој би вклучувал и даноци од социјални придонеси, но и зелен данок би придонеле за даночни приходи во износ од 45% од националниот доход и истите би требало да се искористат за финансирање на сите други јавни расходи, социјалната држава како и дополнителна мерка за универзален основен доход.

Така, вкупната даночна сметка на економијата би изнесувала 50% од националниот доход, а економијата и општеството би добиле еден хуманистички патоказ кон градење на одржлива еднаквост.

Несекојдневните идеи на Томас Пикети наидуваат на разни оценки и коментари – од осудување на нивната радикалност и нивно изедначување со непродуктивна експропријација, до воздигнување на неговата генијалност и одлучната контемплација кон градење на едно поеднакво општество. Без разлика каде сте на овој спектар, мала е веројатноста дека ќе останете рамнодушни на неговите идеи.

Тоа го прави Пикети задолжително четиво за сите оние кои гледаат предизвик во идеалите на еднаквост и праведност во економијата и општеството.

Сподели: