Патронен празник и чествување на ликот и делото на Ванчо Николески

Сподели

ЦОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, со повеќе свечености, нови просторни содржини во употреба, како и со евидентни успеси на учениците на регионални и државни натпревари, го одбележа патрониот празник на училиштето.

Одбележувањето на патрониот празник се поврзува со денот на раѓањето на Ванчо Николески (10 јуни 1912), основоположникот на литературата за деца и млади кај нас и еден од великаните на македонското литературно творештво воопшто.

Традиционално, во чествувањето учество зедоа и наставници од збратименото училиште од Лесковац, Србија.

Ванчо Николески почина 1980 година, на 67 годишна возраст. Напиша многу песни, мајстор на ритамот и римата, во училиштата е застапен со “Гоце Делчев” и “Волшебното самарче”. Со ликовите на Гоце и курирчето Трајче се воспитуваа и растеа генерации и генерации од Македонија, но и од целата поранешна југословенска заедница, бидејќи беше обврзна лектира за сите во основните и средните училишта.

Претставници на училиштето и на здружението МАЦКОВО, денеска го посетија вечното живеалиште на салавниот поет на Градските гробишта во Охрид. Положија свежо цвеќе и му одадоа достојна почит на великанот. Ова здружение, традиционално, ја организира манифестацијаата Балкански поетски камп за млади “Ванчо Николески”. Се одржува кон крајот на август, секоја година, а започнува во основното училиште во Лескоец, крај Охрид. Ова училиште е единствената институција во Македонија која го носи името на Николески и тоа не само во формална смисла, туку длабоко суштински, со пиетет и достоинство, изразено, пред се, со успесите на учениците и пласманот на натпревари и слични активности.

Веле Митаноски