Планинари доставија лекови и храна на изнемоштените луѓе од осоговските села

Сподели

Членовите на планинарското-спортско друштво „Осогово“ од Кочани, кои самоиницијативно организираа хуманитарна акција за собирање донации, испешачија 25 километри и посетија 22 луѓе на кои им поделија лекови и храна.

Во акцијата учествувале десетина планинари кои поради отежнатите услови за пешачење, како и ограниченоста на тежината што може да ја носи секој од нив, доставиле лекови и храна со подолга трајност. На апелот за собирање помош се јавиле поголем број фирми и поединци од Кочани, но и од Виница, Скопје и други градови во Македонија.

Инаку, акцијата започна откако на социјалната мрежа „Фејсбук“ беше организирана акција за прибирање донации по силните врнежи на снег, поради кои неколку села во осоговскиот регион останаа отсечени.

Во следната акција кочанските планинари ќе пешачат до селата Небојани и Главовица кои се меѓу најоддалечените од градот.