Пендаровски на средба со претставници на Мрежата за спречување на одлив на мозоци

Сподели

 

 

Претседателот Стево Пендаровски оствари средба со претставници на Мрежата за спречување на одлив на мозоци, којашто ја сочинуваат седум граѓански оранизации од целата земја, а коишто работат на теми поврзани со развојот на младите, младинските политики и права, како и младинското информирање.

На средбата, претставниците на мрежата му ги презентираа податоците од Анализата на Националната стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високо образовани и стручни кадри 2013-2020. Интервјуата коишто биле спроведени со младите и институциите во рамки на анализата, покажале дека одредени прашања воопшто не се опфатени во Стратегијата, а тие се групирани во три области, односно економија, образование и комуникација и мотивација.

 

 

Младите луѓе го информираа претседателот Пендаровски дека нивната цел е да ја подигнат свеста кај институциите и кај граѓаните за проблемот со заминувањето на младите од нашата земја, но и во континуитет да предлагаат мерки и решенија за намалување на одливот на млади мозоци.

Претседателот Пендаровски на средбата повтори дека трендот на заминување на младите, талентирани луѓе од земјава е девастирачки. Исто така претседателот Пендаровски истакна дека решавањето на овој проблем треба да биде системско, односно со партнерство помеѓу невладините организации и државните институции.

 

 

Од своја страна, претседателот Пендаровски понуди целосна поддршка за идните проекти на Мрежата за спречување на одлив на мозоци, бидејќи како што рече претседателот Пендаровски, неопходно се итни мерки и активности коишто ќе придонесат барем за ублажување на трендот на исселување на млади луѓе од државата.