Пендаровски во официјална посета на Хеленската Република

Сподели

 

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на 5 и 6 октомври 2021 година, вторник и среда, ќе престојува во дводневна официјална посета на Хеленската Република.

На 5 октомври 2021 година, вторник, претседателот Пендаровски во Претседателската палата во Атина, на официјална церемонија со државни и воени почести, ќе биде пречекан од претседателката на Хеленската Република, Катерина Сакеларопулу, по што ќе се одржат тет-а-тет средба меѓу претседателот Пендаровски и претседателката Сакеларопулу и пленарен состанок на делегациите на двете држави.

Претседателот Пендаровски ќе оствари средба и со премиерот на Хеленската Република, Киријакос Мицотакис, а ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.

Во рамки на посетата, претседателот Пендаровски ќе положи венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред Парламентот на Хеленската Република, ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис и ќе оствари средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Хеленската Република, Џефри Пјат.

За време на посетата, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на Лина Мендони, министерка за култура и спорт на Хеленската Република.

Официјалната посета на претседателот Пендаровски на Хеленската Република претставува прва историска посета што ќе се реализира на највисоко ниво меѓу двете држави.