Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Пендаровски за “Етнос”: Мали се шансите да се обезбеди дво-третинско мнозинство за промена на Уставот

Сподели:

 

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за грчкиот весник Етнос укажува дека Русија продуцира исклучително сериозни хибридни закани кон целиот Балкански регион, особено политичка пропаганда и кампања на дезинформации.

„Во Северна Македонија, нивната комплексност и интензитет се исти како оние во 2018 година, за време на референдумот по Договорот од Преспа. Немам целосни сознанија за останатите земји, но неколкуте кревки точки во регионот и се добро познати на Москва и таа секако се обидува да пенетрира“, вели Пендаровски.

 

 

Во однос на францускиот предлог, претседателот Пендаровски повтори дека за него тоа е своевиден преоден компромис со попатна вметната блокада.

„Ние по 17 години во чекалната конечно би ги отпочнале преговорите за членство и тоа е најголемата придобивка од него. Сепак, по процесот на скрингот постои еден предуслов за продолжување на преговорите а тоа е амандманот со кој треба да се вметнат Бугарите во македонскиот Устав. Имајќи ја предвид актуелната политичка поделеност, мошне се слаби шансите дека која било политичка партија би можела да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот кое би ја поддржало таа уставна измена“,смета шефот на државата.
 

Во контекст на Договорот од Преспа, Пендаровски во интервјуто зборува за придонесот од него, нагласувајќи дека неговиот директен ефект е зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.

„Неговата позитивна страна се оглед и во тоа што голем дел од граѓаните сфатија промената на името воопшто не го засегна нашиот национален идентитет а тоа предизвикуваше најголема загриженост во текот на долгогодишните преговори. Противници и натаму има, но, не во обем како што тоа беше во периодот на уставните измени. Претпоставувам дека слично е и кај Вас. Очекувам, како што одминува времето, многу повеќе луѓе да сфатат дека договорот во суштина означи стратешко отворање за двете земји. Тој отвора и нови можности за економска и трговска размена, за странски директни инвестиции. Интерконекторот за гас кај Александрополис е последниот пример за тоа. Заедничко вложување кое ќе биде од взаемна корист и на двете држави“, оцени претседателот.

Во однос на неговото спроведување, Пендаровски нагласи дека динамиката зависи од внатрешно политичките случувања во Грција. Тој изрази надеж трите меморандума усогласени и потпишани уште во 2019 година (Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје н.з) ќе бидат ратификувани а тоа ќе го отвори патот за нови билатерални договори меѓу двете земји.

„Сите овие документи се значајни за зајакнување на правната основа на нашата соработка, настрана од политичката, која е многу подобрена во изминатите неколку години“, вели Пендаровски за Етнос.

Прашан дали се надева на втор мандат, претседателот Пендаровски подвлекува дека фокусот на неговиот ангажман е најдобро што може да управува со земјата низ немирните води на домашната и меѓународната политика.

„Навистина ми е важно само едно – ставовите и поддршката на моите сограѓани. Во текот на мојата кариера, никогаш не размислував за какви било идни потези без поддршка од мојот народ“, истакнува Пендаровски во интервјуто за грчкиот весник Етнос.

Сподели: