Пендаровски: Забрана за влез во нашата земја на еден пратеник од Бугарија во Европскиот Парламент

Сподели

 

Главна тема на Советот на безбедност кој го повика претседателот на државата, Стево Пендаровски беа односите меѓу Македонија и Бугарија.

 

 

“Посебен фокус на седницата имавме врз најновиот развој на настаните во односите со Бугарија. Поводот не беше само немилиот настан во Охрид затоа што тоа е само мало делче од целиот мозаик. На таа тема реферираа директорите на службите, а потоа во дискусијата се вклучија и останатите членови на Советот.

Според достапните анализи и сознанија на надлежните органи, се работи за организирани активности од страна на структури во соседна Бугарија кои се активирани особено по усвојувањето на европската преговарачка рамка во јули мината година.

Истите овие структури се веќе мобилизирани, и логистички и финансиски, за да го поддржат организираното доаѓање во Скопје на повеќе лица на 4 февруари, кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Според сите проценки тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува.

На вакви организирани антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци, можеме да одговориме на два начина: првиот е, со културна дипломатска реторика, како и досега, и тој круг на провокации, кој често не останува само на зборови, туку предизвикува и насилство, сигурно нема да заврши, но ова ќе продолжиме да го правиме и понатаму. Второ, со мерки кои секоја сериозна и организирана држава ги презема во вакви ситуации.

Знаете дека Советот за безбедност е советодавно тело на претседателот, кое не одлучува, туку дава предлози до Собранието и Владата.

Мој предлог до Владата кој го изнесов и на седницата, е согласно одредбите на Законот за странци да му забранат влез во нашата земја на еден пратеник од Бугарија во Европскиот Парламент и на неколку други лица, државјани на Бугарија, заради дејствијата кои порано ги преземале и сѐ уште ги преземаат против нашата држава.

Законските услови за изрекување на таква мерка постоеја и порано и сѐ уште постојат, тоа се, трите според законот, ги цитирам, закана за јавниот поредок, закана за националната безбедност, или закана за меѓународните односи на Република Северна Македонија. Тоа во принцип значи, конкретно, ако таквите лица се надвор од земјата, да не им биде дозволен влез, а, ако се веќе внатре, да им биде откажан престојот и да бидат прогласени за персона нон грата.

Освен ова, за настанот на 4 февруари да помине како што доликува, ќе мора да ги преземеме сите неопходни мерки и на терен, а, тоа значи, од граничните премини па сѐ до главната локација во Скопје каде пристап треба да имаат само луѓето, Македонци или Бугари, сеедно, кои сакаат да му оддадат почит на делото на Делчев, но, не и оние кои доаѓаат со цел да го понижуваат и негираат македонскиот народ.

На крајот, сакам да упатам една порака до надлежните институции во Бугарија, кои не се дел од овие сценарија: изолирајте ги политички луѓето кои не сакаат добрососедски односи, ние тоа го правиме и ќе го правиме кај нас. Македонија не ви е непријател, меѓутоа, оваа држава има закони, има достоинство и кога тие граници ќе бидат преминати, ние секогаш ќе реагираме за да се заштитиме.

Секоја сериозна држава впрочем на светот тоа го прави, вклучително и Бугарија. Предлагам, во наредниот период, далеку подобра координација меѓу надлежните институции од двете земји, со цел, да не дозволиме европската агенда и билатералните односи да станат жртва на анахрони националистички и популистички политики од двете страни”, изјави претседателот Пендаровски на состанокот на Советот за безбедност,