Ситна и крупна корупција – Ерол РИЗАОВ

Сподели

Тоа е таа ситна корупција која е обичајно право и без која не функционира ни системот, па ни семејството. Потсетете се колку пати сте ги подмитиле сопствените деца. Да, тешко е тоа да се препознае кога кај нас се смета за родителска грижа, по секоја цена да се потурнат напред, да не се мачат децата бадијала.

Во нашата толку сакана Македонија корупцијата почнува со задолжителна инфекција од митоманијата пред да се роди детето, идниот граѓанин. Тоа е толку нормално што таканаречената ситна корупција станува знак на почит, напојница како благодарност, мал бакшиш. Никаков грев не е веднаш, во кое било време, ургентно да го побарате директорот на клиниката, да изберете доктор, акушерка, сѐ што треба. Се разбира, по доаѓањето на свет на неговото, нејзиното, величество малку виски и чоколади, 200 грама кафе, во зависност од вашиот статус може и една уметничка слика, тоа е непишано правило, свет обичај, ако го скрнавиш ќе бидеш одвратна циција, стипса, тамаќар, класичен саможивник, идиот, тутун-ќесе…. кој замислете каков притисок изврши, ја крена цела болница на нозе, а ни кафе не почести. Страшно.

Во болното општество крупната корупција има широк избор за регрутирање кадри. Право изобилие, цел расадник од луѓе што ептен лесно ја совладуваат дисциплината како од бакшишот се прави рушвет, како малото внимание во знак на благодарност прераснува во голема бизнис-зделка кога на пазарот, во убавите кабинети, со добри зборови и со фер пазарење купувате политичари, полицајци, новинари, судии, обвинители, вештаци, професори, доктори, директори, службеници, сѐ што може да донесе добра заработувачка од која сите се задоволни, и тие што корумпираат и тие што се корумпирани. Што има лошо кога сите добиваат. Тоа е најисплатливиот бизнис во Македонија. И она што е посебно важно, овие луѓе се сметаа и сѐ уште се сметаат за паметни, успешни, демек алал вера ги бива за сѐ. Знаат да направат пари, што и да фатат претвораат во злато. Невидени таленти.

Колумната во целост прочитајте ја тука