Почна 56. издание на Драмскиот аматерски фестивал

Сподели

 

„Човекот“, пантомима на Трајче Ѓорѓиев, и „Вардарски пастуви“ синоќа во Кочани го отворија 56. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија, на кој во официјална конкуренција ќе бидат одиграни 16 претстави од кои две од Србија и една од Бугарија.

 

 

Помеѓу двата настапа на професионалците, на влезот на ЦК „Бели мугри“ концерт на класична музика одржа Македонскиот брас квартет.
ДАФ 2019 свечено го отвори, Роберт Алаѓозовски, национален координатор за култура, а на публиката и се обрати и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев. Илијев побара возобновување на професионалниот театар во градот, а Алаѓозовски вети подршка.

 

Првиот фестивалски ден заврши со прекрасен огномет. Денеска се оди според репертоарот. Следуваат претстави кои влегуваат во официјална конкуренција.

 

 

 

„Шеесетте години постоење на Драмскиот аматерски фестивал ни дава мотив да се радуваме на убавата културна историја, да уживаме во подготвениот репертоар за оваа година, но и да планираме и дејствуваме за подобра иднина на театарско живеење во Кочани. Оваа сцена, овде, во Кочани, е незаборавна за многу драмски дејци. Овде наши врвни актери ги направиле првите чекори, овде ги добиле првите награди, од оваа сала биле поздравувани со громогласни аплаузи. Учесниците на ДАФ од Кочани заминувале полетно, со многу ентузијазам и нови желби. Затоа оваа сцена е полна со спомени и е многу значајна.

На ДАФ во Кочани поминале 8 000 учесници, на оваа сцена биле врвни режисери, актери, театролози, театарски критичари, како и доајените на македонскиот театар : Петре Прличко, Тодорче Николовски, Нада Гешовска, Мери Бошкова, Алексиев, Ивановски, Ќортошев, Милчин, Џувалековски, Горан Стефановски, Дарко Дамевски, Снежана Коневска – Руси, Мето Јовановски и многу други…

Благодарејќи на ДАФ, Кочани изнедри голем број актери и режисери. Нашите сега се најактуелни: Благој Веселинов, Наталија Теодосиева, Ангелчо, Јанка, Нина, Трајче, Горан, Кристина и други. Доѓаат и нови, што е само потврда дека Кочани има амбиент за возобновување на професионалниот театар. Убеден сум дека паралелно со подршката за реконструкција на ЦК ’Бели мугри’ што ја добивме од Министерството за култура, заеднички ќе реализираме повеќе поставени цели во културата на локално ниво, меѓу кои и иницијативата за оформување професионален театар. Така ќе допреме до публиката и во овој крај.

Бранот освежување што ДАФ го донесе лани, очекуваме да продолжи и годинава – живост со настани поставени на отворено, поблиску до публиката, звучни имиња со промоција на дела и предавања, настап на акробатски музичари и постојани концертни активности. Очекувам деновите што следуваат да бидат културен празник за Кочани, во кој многумина ќе најдат мотив да бидат дел од него. Ви посакувам пријатни денови со ДАФ“, рече кочанскиот градоначалник, Николчо Илије, како еден од оние што зборуваше на отворањето на овогодишниот ДАФ на Македонија што започна синоќа во ЦК „Бели мугри“.