Алтернатива Настани

Почна маршот за мир од Берлин до Алепо, ќе помине и низ Македонија

Сподели:

Неколку стотици активисти, со бели знамиња тргнаа од Берлин на маршот за мир кој треба да заврши во сирискиот град Алепо, разорен од војната. Организаторите се надеваат дека ќе стигнат до крајната дестинација за три и пол месеци, пренесува Радио МОФ.

Граѓанскиот марш ќе помине низ Чешка, Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, Грција и Турција на патот до Алепо. Некои од луѓето ќе пешачат по целиот пат, додека други ќе се приклучуваат на пократки делови.

„Време е да делуваме. Доста ни е од кликање на тажни или шокантни лица на Фејсбук и коментирање – Ова е ужасно“, пишува во манифестот на вебсајтот на групата.

„Патот е долг. Исто толку долг колку што беше за бегалците да ги спасат нивните животи. Сега сакаме да го направиме истото, за да спасиме некои други животи. И маршираме заедно во голема, голема група. Ние сме само обични, просечни луѓе и не претставуваме посебни политички партии или организации“, стои во продолжение на повикот.

Кампањата ја започнала германската новинарка и блогерка Ана Албот со потекло од Полска.

„Денот и местото не се случајни – Темпелхов е најголемиот бегалски камп во Германија, а 26-ти декември е симболичен свет ден. Но исто така поради практични причини, бидејќи многу луѓе можат да се приклучат на маршот помеѓу Божиќ и Нова година“, изјавила таа.

32-годишната мајка на две деца поттикна скоро 3 илјади луѓе кои потврдиле дека ќе го поддржат маршот.

Таа, за Дојче Веле, изјавила дека сака јавно да ја истакне бруталноста на конфликтот и да испрати сигнал на жителите на сирискиот град и оние кои избегале од него, дека не се сами.

Маршот го следи во обратен редослед правецот по кој многу од бегалците стигнаа до Германија.

„Маршот и луѓето овде ја изразуваат својата хуманост и сакам да придонесам за тоа. Другите луѓе во светот треба да знаат дека ситуацијата во Сирија е ужасна“, вели Јабер Захер Алгер, 28-годишен Сириец кој живее во Германија.

radiomof.mk

Сподели: