Почна „Тетовско културно лето“

Сподели

tetovsko-kulturno-leto

Со повеќе музички изведби на вокалниот ансамбл „Симбиоза“, составен од ученици од различни етникуми од Средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ од Скопје, синоќа пред Центарот за култура во Тетово почна „Тетовското културно лето 2016“.

Од ансамблот беа изведени сплетови од песни со различни национални обележја, кои оваа традицонална манифестација ја најавија како мултикултурна и мултиетничка.

– Преку обединување на различни јазици и мелодии, преплетени и доведени до крајна форма на складно единство, тие „Симбиоза“ е едукативен пример низ чија призма се отсликува тендеција за соживот, заедништво, толеранција и за поттик кон прифаќање на мултиетничкиот концепт – изјави Дамјан Темков, професор во Средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ од Скопје, кој работеше на нумерите што беа изведени од неговите ученици.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, на отворањето на манифестацијата побара во иднина „Тетовско културно лето“ да добие финансиска подршка од Министерството за култура.

– „Тетовско културно лето“ е резултат на ентузијазам и на фактот дека граѓаните на Тетово сакаат да бида дел од културните настани. Настапот на ансамблот „Симбиоза“ зборува за тоа колку културата може да биде заедничка и да биде начин не само да живееме со различностите, туку и да живееме заеднички. Затоа сакам да повикам, овој културен настан кој го има Тетово, да биде поддржан од Министерството за култура – вели Арифи.

„Тетовско културно лето“ ќе трае до 25 јули, кога ќе се затвори со настапот на популарниот албански пејач Албан Скендерај на градскиот плоштад во Тетово. Деновиве тетовци во рамки на манифестацијата ќе имаат можност да гледаат шпански филмови, спортски настани, рок-концерти, изложби, куклени театри и слично.

meta.mk