Вести Македонија

Полупразно Собрание расправаше дали може да се премине на избор на спикер

Сподели:

Во полупразната сала, во која ги нема парламентарците од албанските партии, има многу мал број пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а ги нема ниту Никола Груевски, ниту Али Ахмети, претпладнево со речиси едночасовно доцнење продолжи конститутивната седница на Собранието.

Расправата продолжи онаму каде што застана во четвртокот минатата недела – со инсистирањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека е спротивно на деловникот на Собранието да се прескокне третата точка од дневниот ред на седницата и да се премине на четвртата, односно избор на претседател на законодавниот дом.

Седницата почна со обвинувања од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за штетноста на платформата на албанските партии, по што пратеникот Ферид Мухиќ, од Коалицијата на СДСМ, побара конструктивна дебата, да се прекине со употребата на термините „криминал и криминалци“, како и „тиранска платформа“, а со него се сложи и Вељаноски, апелирајќи да се дискутира за точката и да нема навреди.

Независниот пратеник Павле Богоевски побара да се спојат третата и четвртата точка од дневниот ред. Тој му рече на Вељаноски дека е „нелегален претседавач со седницата“ оти не го прифатил предлогот на многу повеќе од неопходните 10 пратеници за спојување на точките.

Во расправата потоа дали членот 78, став 2 од деловникот на Собранието дозволува спојување на точки во тек на претрес или не, се вклучија и Оливер Спасовски и Стефан Богоев од СДСМ, а Вељаноски од претседавачката фотелја и Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, нагласуваа дека е невозможно да се спојуваат точките во тек на претрес.

Расправата продолжи со дебата меѓу Радмила Шекеринска од СДСМ и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, по што повеќе пратеници се пријавија за процедурални забелешки, а Вељаноски даде пауза.

meta.mk

Сподели: