ПОПГМ ја осуди одлуката на претседателот Иванов

Сподели

Со одлуката да не му го додели мандатот за составување Влада на предводникот на опозицијата, претседателот Ѓорге Иванов, безобѕирно го погази Уставот на РМ и дадената заклетва и „избриша“ повеќе од 612.000 граѓани на сопствената држава, реагира Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ).

POPGM(4)

ПОПГМ со презир ја осудува одлуката на претседателот Иванов да не му го додели мандатот за составување Влада на предводникот на опозицијата.

„Со ова Иванов безобѕирно го погази уставот и своите уставни обврски и продолжи со недржавничкото и поданичко однесување кон менторот, со цел да го заштити од кривичен прогон. ПОПГМ укажува дека образложението на ваквата неуставна одлука, која е обид на „менторот“ за лицемерна манипулација на граѓаните, носи огромен ризик за стабилноста и безбедноста на Република Македонија. Го повикуваме Иванов, ако има барем малку доблест, човечко достоинство и почит кон сопствената држава и народ, веднаш да ја промени одлуката и да ја исполни својата уставна обврска, така што безусловно, согласно со Уставот, ќе го додели мандатот“, се наведува во реакцијата на ПОПГМ.

ПОПГМ ги повикува граѓаните на Република Македонија на промислено однесување и трпеливост, зашто само граѓаните се гарант за надминување на оваа криза, наметната од поединци и политички врхушки кои Република Македонија ја држат во заложништво повеќе од 10 години.