Поставени нови плочки на „Скопје 2014“

Сподели

 

Утрово во центарот на Скопје осамнаа плочки на спомениците на Александар Велики, Филип Втори и Олимпија, на кои е напишан текст дека овие историски фигури им припаѓаат на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство. Воедно, привршува отстранувањето на шеснаесеткракото сонце од инфраструктурата, јавните згради и спомениците во Скопје.

Ваквиот потег на македонските власти е резултат на склучениот Преспански договор, во чии рамки има посебен член што се однесува на симболите и историските личности што се дел од наследството на двете соседни земји. Во член 8, став 2 се вели:

„Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство“.

И покрај тоа што се појавија многу прашања околу легалноста на постапката за нивна изградба, за што Министерството за култура формираше и посебна комисија, македонската влада уште во јуни 2018 година соопшти дека нема намера да ги руши „Воинот на коњ“ и другите споменици од проектот „Скопје 2014“. Тогашниот портпарол Миле Бошњаковски истакна дека со поставувањето плочки со натписи на спомениците ќе се објасни дека тие се симболи на грчката култура.