Вести Изјави Статуси Топ теми Ударни вести

Тодоров: Мицкоски, победа на претседателските избори или пакувај си ги куферите!

Сподели:

Не можев да го гледам, ама прочитав дел од поентите на Мицковски од неговото гостување на Сител.

Христијан треба да знае дека партијата никогаш не губи, туку само победува. При победа сите се заслужни, и сите ги делат аплаузите и заслугите, но при пораз вината паѓа главно врз претседателот на партијата, шефот на Републичкиот Изборен Штаб (РИШ) и генералниот секретар.

За жал иако тој како генерален секретар го доживеа најтешкиот пораз на локалните избори, за тоа без трошка срам го обвини Спиро Ристовски кој тогаш беше шеф на РИШ, а патем и негов доста близок личен пријател. Го пушти низ вода без око да му трепне човекот со кој буквално секојдневно заедно ја водеа кампањата за локалните избори. Онака, ладнокрвно. Дополнително, да потсетам дека тој (Христијан) беше и носител на листа за советници на град Скопје, каде исто така доживеа катастрофален пораз. Се повлече веднаш по сугестија на неговиот ментор и протеже, за во карактеристичен илузионистички стил да сокрие дека загубил, со цел да се амнестира од вината за поразот и да ја преземе партијата. Ладнокрвно, повторно.

Но да се вратиме на темата. Мицковски мора да знае дека неговата политичка амбиција како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но и обврска кон членство и структурите на партијата кои го поддржуваат, но и кон оние кои не го подржуваат, но се бескрајно верни, лојални и посветени на партијата и на државата, НЕ Е да победи на следните парламентарните избори, туку партијата да победи на следните претседателски избори.

Не ми е јасно како планира да ја победи оваа влада која не ги оправда очекувањата на граѓаните, со ваков став за претседателските избори? Или па, не планира?
Се плашам дека можеби повторно планира некого да пушти низ вода, само за да си ја зачува фотељата во партијата. По се изгледа овој пат императив не е да се седне на фотељата, туку истата да се зачува по секоја цена. Овој пат, судејќи по тоа како ја води партијата и довербата која тој лично ја ужива помеѓу граѓаните, свесен за поразот кон кој сите ги води, веројатно, првата жртва ќе му биде кандидатот за претседател кој според него ќе биде виновникот што сам си ги загубил изборите. Затоа и ќе биде многу тешко, кредибилен и квалитетен кандидат да изрази подготвеност да биде кандидиран од Мицковски. Бидејќи на сите ќе им биде јасно дека тој/таа нема да бидат кандидати на ВМРО-ДПМНЕ туку на Мицковски. Никој, кој е сериозен и држи до себе, не сака да биде уште едно жртвено јагне, па ладнокрвно, од Мицковски да биде пуштен низ вода. Но, како и да е, некои ќе бидат пуштени низ вода. Овој пат покрај претседателскиот кандидат на Мицковски, тоа ќе бидат и шефот на изборниот штаб и Александар Николовски. Тие ќе бидат експресно и по кратка постапка прогласени за виновници, а можеби и за предавници, само да се затскријат трагите кои водат до заклучокот за вистинскиот виновник и неговите катастрофално лоши и штетни политики за партијата.

Како сакаме да победиме ако повторно сме скарани со целиот свет, повторно се делат луѓето на предавници и патриоти и повторно живееме во историјата? Поделени и раскарани, дополнително го делиме и онака поделеното македонско национално ткиво. Кај младите сме тапа, у Скопје не проаѓаме.

Не ја бива вака дечки. Менувајте ја тактиката радикално, борете се од внатре и обидете се да влијаете врз курсот на партијата, зашто очигледно ја носат во погрешен правец. Не носат во пораз на претседателските избори.

Членството и поддржувачите очекуваат победа на ВМРО ДПМНЕ на претседателските избори. Фокусирајте се на тоа, а не на опсесијата на Христијан по секоја цена да стане премиер. Таа опсесија во комбинација со неговата невидената суета ја влечат и него и партијата надоле. Мицковски премиер нема да стане ако ВМРО ги загуби претседателските избори. Тогаш ќе си оди. Ќе мора, ќе биде неизбежно, бидејќи членството ќе сфати дека е водено од лидер кој не може и не знае да испорача победа. Ќе биде фрустрирано од фактот што уште повеќе ќе се зацврсти СДСМ на власт. Поразот е пораз, особено на претседателски избори, но фактот што со тоа ќе му помогне на Заев и СДСМ да ги добијат и следните парламентарни избори ме иритира и е крајно неприфатливо за најголемиот број членови. Особено за оние кои никогаш не биле членови на други партии. За тие околу него, веројатно не. Но тие и не се важни, тие се и така минливи, многу брзо ќе си најдат ново уточиште. Потоа дел од нив ќе се покајат и пак ќе се вратат. Знаеме, сме го преживеале ова неколку пати.

Затоа повторувам уште еднаш, заборавите на парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ мора да го победи СДСМ на овие претседателски избори, не мислете на фотељите, ни на претседателската во ВМРО, ниту на премиерската. ВМРО е поважно од секој нејзин претседател. Претседателот е привремен. ВМРО-ДПМНЕ е и треба да остане трајна вредност на македонската политичка сцена.

ВМРО-ДПМНЕ мора да победи на претседателските избори и да почне сериозно да се менува, демократизира и реформира за да прерасне во Европска, модерна, центар-десна политичка партија.

Во спротивно, Христијан, пакуј куферите!

ФБ статус, Никола Тодоров

Сподели: