“ПРЕКУ ЕЗЕРОТО” на Антонио Митриќески во Кинотека

Сподели:

Во понеделник, на 11 мај, со почеток од 20 часот, во Кинотека проекција на филмот ПРЕКУ ЕЗЕРОТО/ Across the Lake, на Антонио Митриќески / Македонија / 1997 / 83 мин

Уште при самиот почеток на филмот, авторите укажуваат на фактот дека тој е инспириран од вистински настан, а времето на збиднувањето опфаќа период од неколку децении. Местото на збиднувањето, со исклучок на почетокот и на крајот на филмот, е Албанија во времето кога беше „голем бункер, затвор во кој никој не можеше да влезе ниту да избега, години на лудило кога секој секому му беше непријател“.

Охрид во годините по војната. Младиот Константин Бочваров ја сретнува Елена Златарева, Македонка која живее во Корча, Албанија. Се случува силна љубов во годината 1948, година позната по трагичните последици во индивидуалните судбини на многумина во тогашна Југославија, како и во соседните земји чиј избор беше социјализмот – според режимот на Сталин во Советскиот Сојуз.

Границата со соседна Албанија е затворена. Комуникацијата меѓу младите вљубени е оневозможена. Константин мечтае по Елена, која е преку езерото, и се решава за неизвесна авантура – за пат преку езерото во кајче, за да стигне до неа. Тргнува на пат од кој нема да се врати следните четири децении.

Во невремето што го зафаќа ги губи веслата, ја губи просторната ориентација и се препушта на судбината.

фото Кинотека

Сподели: