Вести Изјави Македонија

Претседателот Пендаровски: Неопходен е Закон за вонредна состојба

Сподели:

На иницијатива на Претседателскиот центар за политичко образование, денеска се одржа конференција на тема „Вонредна состојба: научени лекции и идни предизвици“. Конференцијата претставува почеток на поширока дебата на стручната и општата јавност, во однос на потребата на изготвување на Закон за вонредна состојба.

Во своето обраќање на отворањето на конференцијата претседателот Пендаровски се осврна на минатогодишната состојба кога, како што рече, освен со здравствените предизвици, се соочивме со тешка ситуација и од правен и политички аспект. Тој потсети дека во услови на распуштено Собрание и парализа на Владата, институциите се соочија со предизвик за кој подготвен одговор, немаа и многу поразвиени држави.

„Вонредната состојба беше единствениот легален излез од блокадата на институциите, наметната од изборниот процес, во време кога требаше да се организира здравствениот систем за да се спасуваат илјадници животи и да се зачува економската активност со што превениравме општествен колапс“, рече претседателот Пендаровски.

Според него, денес државата има поголемо искуство во соочување со здравствената криза. Затоа, како што посочи претседателот Пендаровски, треба да се искористи искуството од минатата година и навремено да го подготвиме поредокот и општеството за можната идна криза.

„Јасно е дека ни е потребен посебен закон за вонредна состојба во кој ќе бидат правно уредени сите празнини со кои се соочивме кога требаше да го организираме системот во нестандардни околности, само врз основа на неколку генерални одредби од Уставот. Притоа е неспорно, барем за мене, дека идниот закон мора да биде продукт од дијалогот меѓу експертите, но и во генералната јавност и да биде донесен врз основа на најширок можен политички консензус“, истакна претседателот Пендаровски, осврнувајќи се на опасностите кои ги надминуваат политичките, идеолошките, етничките, верските и социјалните линии на поделба.

„Најмалку што можеме да направиме е следната криза да ја дочекаме институционално поподготвени и со научени лекции од страшното искуство со пандемијата“, подвлече претседателот Пендаровски во своето обраќање.

На конференцијата се обрати и министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој истакна дека долгата вонредна состојба и речиси неограничената моќ беше сосема непосакувана состојба во која Владата беше и извршна и законодавна власт.

„Сето ова е во насока на тврдењето дека немањето посебен закон за воена и вонредна состојба е правен недостаток или правна празнина која треба да биде пополнета и дека законот треба да биде дополнителна гаранција и поткрепа на нашите демократски вредности“, рече министерот Маричиќ, додавајќи дека Министерството за правда формираше работна група од еминентни експерти и академската заедница, кои во наредниот период ќе работат на подготовка на Нацрт-закон за воена и вонредна состојба. Министерот Маричиќ истакна и дека Министерството за правда изработило и Анализа на искуствата на институциите за време на вонредната состојба и уредбите со законска сила.

Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, на конференцијата нагласи дека најдобро е вакви системски закони да се носат како резултат на поширока дебата, но пред се, како резултат на поширок консензус.

„Се надевам дека ќе покажеме дека со конструктивна дискусија можеме да придонесеме кон унапредување на правната и политичката култура во нашата држава како насушна неопходност после системските кризи низ коишто поминавме и постоечките длабоки општествени поделби“, рече професорот Спасов.

pretsedatel.mk

Сподели: