Претседателски избори 2020 во САД: Трамп или Бајден?

Сподели

 

Граѓаните на САД денеска на претседателските избори бираат помеѓу актуелниот шеф на државата, републиканецот Доналд Трамп и демократскиот кандидат Џозеф Бајден, кој има предност во анкетите.

Поради пандемијата на коронавирусот, повеќе од 95 милиони Американци гласаа однапред на изборите, од кои повеќе од 60 милиони по пошта. Федералните држави утврдија различни рокови за испраќање на завршени гласачки ливчиња, што, во случај на неизвесна трка, може да доведе победникот да не биде познат ноќта на изборите.

Конечниот резултатот може да се очекува најрано во четврток или петок.

Изборниот систем во САД е единствен, бидејќи не мора да победи кандидатот кој ќе освои најмногу гласови на ниво на целата земја, но кој „собира“ најмалку 270 од 538 т.н. електорски гласачи.

Ако ниту Трамп ниту Бајден не освојат 270 гласачи, претседателот на САД ќе биде избран од Претставничкиот дом на Конгресот на САД, што не се случило од 1824 година. Таквата состојба е можна само ако и Трамп и Бајден добијат по 269 гласачи.