Претставата „Тајната книга на дедо“ повторно на репертоарот на „Златен Елец“

Сподели

 

„Тајната книга на дедо“ повторно се враќа на репертоарот на независниот Театар „Златен Елец“ од Скопје, во Јавна Соба, недела(12.11/14 часот). Претставата до сега се играше во Скопје, Струмица, Штип, Кавадарци, Демир Хисар, Гевгелија.

 „Тајната книга на дедо” е претстава за деца, во авторство на Надица Петрова, во кој низ ликовите на сестрите, дедото, животните и џинот, на еден детски, забавен и волшебен начин, приказната дава поука за вистинските вредности во животот, како  другарството, искреноста, измамата, предрасудите но и почитта спрема постарите. Низ оваа претстава не водат Сара и Тара. Тоа се две сестри кои имаат заедничка мисија: Да ја пронајдат тајната книга на својот дедо и да откријат какви тајни се чуваат во неа. Со итар план, успеваат да го натераат дедо им да ги остави сами, за тие да го искористат времето да ја најдат таа тајна книга. Штом ќе ја пронајдат, се впуштаат во еден нов волшебен свет на зајакот, желката, лисецот и џинот. Дали ќе ја откријат најголемата и најважна тајна? – велат од „Златен Елец“ и ја покануваат најмладата публика на оваа претстава, за која особено се грижи од самото основање на театарот.

Во претставата играат Надица Петрова, Ванеса Тримчевска, Кристина Гиева, Бобан Алексоски, Филип Миленкоски и Антониј Георгиев.

Неодамна „Златен Елец“ имаше премиера и на новата претстава за деца „Чудесниот напиток“(Надица Петрова) која исто така е месецов повторно во Јавна Соба, Скопје(26.11), но ќе гостува и во Велес, Богданци, Ресен, Прилеп, Битола и во другите градови.