Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на одбраната на Н.В. и Н.Н. за укинување на мерката притвор со определување гаранција, по добиено ПОЗИТИВНО мислење од надлежното Јавно обвинителство, донесе решение со кое предлогот се уважува.
Имено, на обвинетиот Н.В. му е определена гаранција во износ од 183.981 евра во корист на Република Северна Македонија, која се состои од ставање под хипотека на недвижен имот, додека на обвинетиот Н.Н. му е определена гаранција во износ од 348.049 евра, исто така со ставање под хипотека на недвижен имот.
Воедно, на обвинетите им се определени и следните мерки на претпазливост:
- забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето на територијата на град Скопје;
- обврска еднаш месечно да се јавуваат во судот; и
- привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
При одлучувањето, покрај позитивното мислење на Јавното обвинителство, Советот го имал предвид и фактот дека мерката притвор, определена со решение на Апелациониот суд Скопје, согласно законските одредби, може да биде продолжувана и да трае најдоцна до 18 јули 2026 година.
Со оглед дека надлежното обвинителство се откажа од правото на жалба против овие решенија, а хипотеката понудена како гаранција е веќе впишана во Катастарот на недвижности, истите станаа правосилни, по што обвинетите се ослободени од притвор.
Основен кривичен суд Скопје


