Вести Македонија Ударни вести

Продолжува увозот на стари возила под Еуро 5 стандардите

Сподели:

 

Увозот на половни возила со под Еуро 5 стандард на емисија на издувни гасови ќе продолжи во земјава и во наредните месеци. Од Министерството за економија немаат конкретен датум кога ќе се изменат правилниците со нови технички барања и спецификации за увоз на половни возила од странство, ниту пак имаат определено конкретен рок од кога ќе се забрани увозот на половни возила со под Еуро 5 стандард.

„На почетокот на мај 2021 година Министерството за економија ќе започне со изработка на анализа која треба да даде податоци за промена на Правилниците за зголемување на стандардите за увоз на возила, односно да се укине Еуро 4 стандардот. Откако ќе биде изработена анализата и согласно податоците ќе се пристапи кон промена на Правилниците“, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за економија.

Министерот за економија Крешник Бектеши кон крајот на јануари најави дека годинава ќе се забрани увозот на половни возила со под Еуро 5 стандард на емисија на издувни гасови.

Покрај субвенциите за вградување на плински уреди во постарите возила, Бектеши најави и можности за воведување субвенции за купување на хибридни возила од граѓаните, како директна финансиска помош за граѓаните кои сакаат своите возила со стандард под Еуро 4 да ги заменат со нови со Еуро 5 и Еуро 6 стандарди.

„Мета.мк“ веќе подолг период наназад пишува за малубројните рестриктивни мерки што ги има воведено земјава, а кои доведоа до рекордна старост на возниот парк во земјава, но и до мнозинско учество на половните возила во вкупниот увоз и продажба на автомобили. Па така, податоците на Царинската управа на РСМ за минатата година покажуваат дека биле увезени 29.052 автомобили, од кои дури 82,2 отсто од нив биле половни.

Автомобилскиот возен парк, чија просечна старост во земјава надминува 19 години, ги отвора проблемите со наголемувачкото учество на транспортот во загадувањето на воздухот во градовите и со безбедноста во сообраќајот преку зголемување на бројот на сообраќајни незгоди во кои учествуваат вакви возила. Зголемувањето, пак, на бројот на возила, во градските средини го отвора проблемот со недостиг на паркинг места и узурпација на јавниот простор, но и на пораст на сообраќајниот метеж.

Сподели: