Вечерва, со почеток во 20 часот, во просториите на Кино Мис Стон во Прилеп, ќе се одржи проекција на новиот филм во продукција на Пиреј Филм “Железна тврдина – Филмска работилница”, во режија на Митко Панов.
Покрај актерите Игор Џамбазов, Васко Тодоров, Синоличка Трпкова и специјалните гости Благоја Грујовски и Атиџе Муратова, актерската екипа е составена и од осум штитеници на Психијатриската болница во Демир-Хисар, додека филмот е снимен во соработка на ЦКИ- НЕБО од Суводол.
Темата е “Филмот како терапија”, во контекст на веќе популарното користење на цртежот, сликата, музиката и раскажувањето како терапевтски и дијагностички алатки во работа со лица со психички нарушувања.
“Железна тврдина” го користи формалниот пристап својствен на документарниот но и играниот филм, и како таков го претставува новиот, хибриден, филмски израз. Базиран на вистински случки но со документаристички пристап, филмската приказна вплотува и елементи на фантазија, односно бајка.
Поголем дел од филмот е снимен меѓу 2021 и 2023 година, за време на филмските работилници организирани со цел да се пребродат долгите интервали на пандемски затварања и изолација, кои негативно се одразија на пациентите.
“Она што започнува како набљудувачки запис од секојдневниот живот и креативните вежби полека се трансформира во конструиран филмски свет обликуван од самите учесници. Просторот на болницата станува истовремено реална средина и сцена за фиктивни ситуации, каде што личните приказни, фантазиите и изведените идентитети почнуваат да се преклопуваат. Железнта тврдина се појавува како слоевит, духовит хибрид во кој реалноста и фикцијата, разумот и лудилото, свесноста и несвесноста се испреплетуваат, потсетувајќи нè дека ‘oдблиску, никој не е нормален’.”
Влезот е слободен.


