Програма на 22. издание на Скопје филм фестивал

Сподели

Во среда (17 април), во 20 часот во киното Милениум, почнува годинешното 22. издание на Скопје филм фестивал со македонската и светска премиера на новиот игран филм „Втора шанса“, првот игран филм на режисерката Марија Џиџева, по сценарио на Огнен Георгиевски,  а во продукција на „Small Moves Films“ и „Биберче продукција“.

„Среќни сме што Скопскиот филмски фестивал успеа да опстои и што го отвараме 22 –то издание. И оваа година ќе имаме богата програма, со голем број важни филмови. Исто така, се гордееме што за 22 години, ова е првпат Фестивалот да се отвара со филм на жена режисерка. А мора да го издвојам и  омажот за еден од најголемите македонски филмски актери,  Мето Јовановски, програма што ја подготвивме заеднички со Кинотеката“, вели Татјана Јаневска, директорка на фестивалот.

Ретроспективата во чест на големиот Мето Јовановски свечено ќе започне на 18 април во Кинотеката со филмот „Кога ќе осамне денот“ во режија на Горан Паскаљевиќ. Во рамки на оваа програма ќе бидат прикажани осум филмови, меѓу кои култниот „Тетовирање“ (1991), и поновиот „Пресуда“(2014) на режисерот Стефан Командарев.

Програмата на Скопје филм фестивал во Кинотеката можете да ја симнете овде: Програма на СФФ во Кинотека.

Скопје филм фестивал, за своето 22. издание донесе богата и разновидна програма и содржини во чии рамки ќе понуди вкупно 58 играни, кратки, документарни филмови, како и работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, презентации и дискусии. Филмовите се  распоредени во 11 програми, меѓу кои се: Филм за отворањеГала програмаПосебни проекции, Фокус на француски филм, Програма на европски филм, Денови на Квир кино,  Панорама на светски филмМакедонска продукција,  Кратки филмови, Документарни филмови и Омаж на Мето Јовановски.

Програмите на 22. издание на Скопје филм фестивал, од 17 до 25 април ќе се одржуваат во кино „Милениум“, Кинотеката, кино „Фросина“ и Котур.