Вечерва, 20 август, со почеток во 19 часот, во Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Патешествијата на еден монах“, во издание на Издавачки центар ТРИ. Специјален гостин на промоцијата ќе биде самиот автор, Индрадјумна Свами, кој лично ќе ја претстави книгата пред македонската публика и ќе сподели дел од искуствата и сознанијата стекнати во текот на неговите повеќедецениски патувања.
Индрадјумна Свами е патувачки монах и духовен учител во традицијата на Бхакти јога, кој повеќе од 50 години патува низ светот, споделувајќи ги својата мудрост, искуства и духовна порака. Во своите записи тој раскажува за необичните патувања и средбите со луѓе од различни земји и култури, како и за животните лекции што ги открива на тој пат.
Во текот на својата долгогодишна мисија Индрадјумна Свами се сретнал со бројни истакнати личности, меѓу кои Далај Лама, Нелсон Мандела и кралот на народот Зулу. Денес тој важи за еден од најпознатите современи претставници на традицијата на Бхакти јога.
На промоцијата посетителите ќе имаат можност непосредно да го запознаат авторот и да го слушнат неговото лично сведоштво за патешествијата опишани во книгата. Во разговорот ќе бидат отворени и теми за улогата на духовноста во време на повеќеслојни општествени и лични кризи, како и за личниот развој и можностите духовноста да се изрази преку уметноста и културата.
Промоцијата ќе се одржи вечерва, 20 август 2026 година, во 19 часот, во Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје.


