Алтернатива Настани

Промоција на „Секој секому огледало“ од Андреј Ал-Асади

Сподели:

 

Промоција на стихозбирката „Секој секому огледало“ од Андреј Ал-Асади
Промотор: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска
Модератор: Јулијана Величковска
Четврток, 26.05.2022 г. од 20:00 часот на платото пред Младински културен центар – Скопје
 
Поетот Андреј Ал-Асади со сигурни чекори го освојува врвот на современата македонска поезија. Цврст доказ е книгата „Секој секому огледало“. Станува збор за прочистена и зрела книга, со рафиниран израз и „особен“ поетски јазик. Сите песни се длабоко промислени, експресивни, со амбиција да ги продлабочат и прошират видиците на поетскиот свет. Во нив се препознава вистински мајстор, кој поетските синтагми ги спојува во најубавите и најасоцијативните слики во современата македонка лирика. Поетот апострофира низа податоци, дури и детали од културниот, историскиот, менталниот склоп и со личните, внатрешните превирања, стиховите ги сместува во најфиниот простор помеѓу сетилното и артрикулацијата на мислата. Станува збор за исклучителна поетска книга – Славе Ѓорѓо Димоски
 
„Секој секому огледало“ е време исполнето со смисла. Во оваа книга поезијата повторно пее во ритам и во рима, убавиот македонски јазик е оживеан, на старите подзаборавени зборови им е најдено ново место. Андреј Ал-Асади ем знае што прави ем знае како да го направи тоа.
Необична, разиграна книга, а пак сериозна, баш каков што го знам и Андреј – сериозен, строг, со опасна смисла за хумор и со насмевка под мустаќ! – Ѓоко Здравески
 
Со оваа книга Андреј Ал-Асади гради дом врз темелите на стара куќа! Со јазик што пулсира низ времето и сочинува нови врски. Тој наснова нови нишки на невидливиот разбој на кој се ткаеле најубавите македонски песни, добро ги затегна меѓу кросната и снове со најубава преѓа.
„Секој секому огледало“ е книга „цел еден свет“ што „татни во тебе, тропа, гребе, завива, да излезе, да прогледа“ сака! Дозволете ѝ на оваа книга да протече низ вас, не само еднаш, неколку пати, оти секогаш е инаква, како вода од река – Јулијана Величковска
 
Овој ракопис блеска со својата универзалност и специфика, носи цврста порака дека постоењето има своја длабока духовна сонда и дека љубовта е начин на живот во кој измамата со својата фаталност гради нови замоци на мудроста, но и искуство за оној друг живот кој не можеме да го спознаеме и само го нагаѓаме. Рефлексијата на Андреј Ал-Асади е фундаментална, далекусежна и слоевита – Сашо Огненовски
 
Андреј Ал-Асади е роден 1996 година, во Лондон. Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките “Midnight Blues” (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации) и „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат СВП. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 г. ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово и Струшките вечери на поезијата. Негови песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски и на италијански јазик.
Сподели: