Промоција на „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски

Сподели

 

Во Кинотека, на 21. октомври, со почеток од 19 часот ќе се одржи промоција на романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски во издание на издавачката куќа „Антолог“.

„Скриени желби, немирни патувања“ е трет роман на Владимир Јанковски. Во него преку комбинацијата од педесетина приказни за ликови од различни географски меридијани и приказните за четири лика од Скопје, авторот се занимава со прашањето за тоа како луѓето ја гледаат „својата приказна“, колку конструкцијата на тоа што сме или што можеме да бидеме е виртуелна имагинација, каков може да биде индивидуалниот одговор на притисокот да се биде успешен, како понекогаш потрагата по себеси и бегството од себе се поклопуваат, кој е нашиот дел, парче, фрагмент во големото шаренило на светот…

Промоцијата е замислена како разговор со авторот, кој ќе го води писателот Владимир Мартиновски.

Во рамките на промоцијата ќе биде претставено и кусо видео со извадоци од романот, направено врз основа на фотографиите на македонскиот фотограф Дејан Колевски.

Настанот ќе биде организиран во согласност со протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан. Гостите се замолуваат да дојдат 15 минути пред почетокот на настанот.

denesmagazin.mk