Вести Свет

Протест на 10.000 луѓе против отворање на кинески универзитет во Будимпешта

Сподели:

 

Околу 10.000 луѓе во саботата излегоа на улиците низ Будимпешта во знак на протест против плановите на владата за отворање на кинески универзитетски кампус во главниот град на Унгарија, пишува „Би-би-си“.

Противниците на проектот ја обвинуваат десничарската влада на Виктор Орбан за тесната соработка со кинеските комунистички власти, пренесува мета.мк. Тие стравуваат дека новиот кампус ќе го поткопа унгарското високо образование и ќе го зголеми влијанието на Пекинг во Унгарија и во Европската Унија.

Унгарската влада во април потпиша договор со универзитетот „Фудан“, кој е со седиште во Шангај, за изградба на кампус во Будимпешта на местото каде претходно беше планирано студентско село за унгарските студенти.

Демонстрантите кои се спротивставуваат на планот за изградба на кинескиот универзитетски кампус во саботата маршираа низ улиците на градот до зградата на парламентот. Против новиот кампус се изјасни и градоначалникот на Будимпешта, Гергели Караксони, кој неодамна дел од  улиците во областа ги именува според жртвите на кршењето на човековите права од страна на Кина.

Владата на Унгарија, пак, вели дека „Фудан“ е институција од светски ранг и дека кампусот „ќе им овозможи на студентите да учат од најдобрите“.

Изградбата на универзитетскиот кампус во Будимпешта се проценува да чини околу 1,8 милијарди долари, што е повеќе од она што владата на Орбан го потрошила на целиот високообразовен систем во 2019 година. Околу 1,5 милијарди долари треба да бидат обезбедени со заем од кинеска банка.

Според либералниот тинк-тенк институт „Република“, околу две третини од Унгарците не го поддржуваат кинескиот универзитет.

Универзитетот „Фудан“ е една од најпрестижните високообразовни институции во Кина. Кампусот во Будимпешта, кој се очекува да биде завршен до 2024 година, ќе биде прв ваков во Европската Унија.

 

Сподели: