Алтернатива Настани

Првиот товарен воз од Кина пристигна во Лондон

Сподели:

По 18 дена пат и 12.000 минати километри, првиот товарен воз што директно ги поврзува Кина и Велика Британија, пристигна во Лондон.

 

Пекинг сака да ги зајакне трговските врски со западна Европа и да го обнови древниот Пат на свилата преку кој драгоцената стока патувала на Стариот континент.

Црвено-жолтата локомотива обележана со логото на германската железница стигна во Баркинг на истокот на Лондон околу 14 часот по средноевропско време.

Во возот, полн со облека и друга стока, се наоѓале 34 контејнери, многу помалку од товарните бродови кои може да превезат меѓу 10.000 и 20.000 контејнери.

Возот тргна на 1 јануари од индустрискиот град Џивуа, јужно од Пекинг и мина низ Казахстан, Русија, Белорусија, Полска, Германија, Белгија и Франција пред да влезе во Велика Британија низ тунелот под Ла Манш.

Лондон е 15 европски град до кој ќе сообраќаат возовите на државната компанија China Railway Corporation, а нивните услуги би требало да бидат поевтини од воздушниот сообраќај и побрзи од поморскиот.

Новите железнички врски се дел од планот на кинеските власти, започнат во 2013 година, за изградба на нов „Пат на свилата“, заради јакнење на економските и трговските врски ширум Азија, Русија и Европа.

Кина, првата трговска сила на планетата, сака да ги зајакне врските со тие региони преку инвестиции во инфраструктурата за да ја поттикне трговијата и да отвори нови пазари на кинеските компании.

 

Сподели: