Изложбата на авторката Ирена Паскали под наслов „Пресек“ која беше отворена на 18.9.2026 година во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, предизвикува голем интерес кај публиката, а истата ќе биде отворена до 22.10.2022 година.
Организирана е прошетка низ истата и разговор за изложбата со авторката Ирена Паскали на 22.10.2026 година (четврток), во 13 часот, објект Чифте амам, со што симболично ќе биде означено и затворањето на изложбата.
Ирена Паскали е истакната македонска мултимедијална и современа уметница со богата меѓународна кариера. Завршила средно уметничко училиште во Скопје, Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2000), а магистрирала на престижната Академија за медијални уметности во Келн, Германија (2007), каде живее и работи од 2004 година. Добитник е на повеќе меѓународни стипендии (Германија, Франција, Того, Русија, Латвија), како и меѓународни награди (Кореа, Албанија, Германија, Србија и др.). Има реализирано повеќе самостојни изложби и е учесник на многу меѓународни изложби.
Ирена Паскали работи во различни медиуми – фотографија, видео, цртежи, експериментален филм, перформанс, а нејзините дела вклучуваат и експерименти со природни материјали. Централното место во нејзината работа и истражувања е посветено на човекот, општествените и социјално-политичките прашања кои се во неразделна врска
со идентитетските прашања и отуѓувањето, духовноста, односот меѓу минатото и сегашноста, како и фрагментација на културите и религиите. Изложбата под наслов „Пресек“, претставува селекција од нејзиното богато творештво и одбележување на 30 годишното уметничко дејствување на Ирена Паскали, и како дел од програмските активности на Националната галерија за 2026 година, е поддржана од Министерството за култура и туризам на РС Македонија и ИФА (IFA – Institut für Auslandsbeziehungen – Institute for Cultural Relations) од Сојузна Република Германија.


