Потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, во гостувањето во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 порача дека незадоволството од актуелната власт ја наметнува потребата од обединет опозициски блок, со јасна визија и конкретни решенија. Таквиот блок, според него, треба да ги обедини граѓаните кои бараат промена и да ја придобие довербата на неопределените.
„Расположението кај граѓаните е опозициски наклонето. Треба да се создаде опозициски блок во кој ќе се обединат сите граѓани незадоволни од власта. Потребни се заедничка визија и јасна насока. Само така може да се понуди вистинска алтернатива“, истакна Герасимовски.
За одлуката да ја прифати потпретседателската функција во СДСМ, тој посочи дека понудата од претседателот Венко Филипче ја добил уште пред локалните избори. Во тој период, приоритет му биле работата во општината, потребите на граѓаните и изборните резултати.
„Кога станува збор за локалната самоуправа, во фокусот се потребите на граѓаните, а партијата е во втор план. Целата енергија ја насочивме кон подобрување на резултатите, задржување на гласачкото тело и остварување победа. За тоа имавме добра основа, а тоа е успешниот четиригодишен мандат и ангажманот во интерес на граѓаните“, рече Герасимовски.
Тој додаде дека потпретседателската функција ја прифатил со намера да придонесе за консолидација и зајакнување на СДСМ, продолжувајќи со секојдневните обврски како градоначалник на Општина Центар.
Осврнувајќи се на внатрепартиските несогласувања, Герасимовски нагласи дека различните ставови се здрави за партијата, но дека јавните расправии и поделби го нарушуваат нејзиниот рејтинг. Според него, отворените прашања треба да се решаваат преку искрен разговор и конструктивна дебата во партиските органи.
„Социјалдемократ сум од 1998/1999 година и не го оправдувам начинот на кој се изразува револтот преку расправии по кафулиња, хотели и ресторани. За тоа треба да се разговара во партиските простории. Здраво е да имаме различни мислења, но дебатата треба да се води на соодветно место“, нагласи Герасимовски.
На крајот, тој повика на надминување на поделбите и насочување на енергијата кон решенија и заедничко дејствување.
„Да се вратиме во партиските простории, да разговараме и да бараме решенија, поделбите не смеат да бидат поважни од иднината на партијата“, порача Герасимовски.


