Вести Изјави Македонија Топ теми Ударни вести

Рокови за распишување и одржување избори согласно Уставот и Изборниот законик

Сподели:

 

Претседателот на Собранието на РС Македонија, Талат Џафери, на денешниот редовен брифинг со известувачите од Парламентот, уште еднаш посочи на роковите предвидени за распишување и одржување избори следната година, согласно Уставот и Изборниот законик.

 

 
 
 
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со неформалните навестувања дека на 8 мај би можело да се одржат парламентарните избори, во првиот редовен термин, зедно со втор круг од редовните претседателски избори, Џафери рече дека во тој случај би ги распишал изборите околу кон крајот февруари 2024 година.
 

Конститутивната седница на новиот собраниски состав би се одржала најдоцна 20 дена по изборите и согласно со одредбите од новиот Деловник, што неодамна го усвои Собранието, а кој ќе почне да се применува по парламентарните избори следната година. Имајќи ги предвид одредбите од  новиот Деловник, конститутивната седница на новиот Парламент би требало да заврши за најмногу три дена, со избор на претседател на Собранието.

Во врска со новиот Деловник, претседателот на Собранието информира и дека од 7 до 9 декември е предвидена завршна сесија во рамки на дијалогот  што се одржуваше под покровителство на Европскиот парламент. Состанокот ќе се одржи во куќата на Жан Моне во Париз, со присуство на европратеници и на пратеници од Собранието на РСМ, кои беа вклучени во процесот за донесување на новиот Деловник.

За најавите дека средбата меѓу парламентарните партии за усогласување пред распишувањето на изборите во 2024 година ќе се одржи во декември во Парламентот, Џафери рече дека Собранието е отворено за дијалог со претходна координација, за да се земат предвид и обврските и активностите на законодавната власт во овој период.

На прашање за комплетирање на составот на Државната изборна комисија, претседателот Џафери упати на процедурата пропишана за таа цел во Изборниот законик. Во однос, пак, на донесување на Буџетот за следната година, посочи дека процедурата  би почнала од почетокот на следната седмица, прво во матичната Комисија за финансирање и буџет и согласно роковите предвидени во Деловникот на Собранието. 

 

Сподели: