Романот „Тринаесеттиот“ на Лидија Димковска финалист на регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“

Сподели:

Регионалниот книжевен избор за најдобра книга „Штефица Цвек“, ги објави финалистите за оваа година, меѓу кои се најде и „Тринаесеттиот“ – современа бајка за мали и големи од македонската писателка Лидија Димковска.

Романот ја раскажува приказната за висококатницата на месеците во која се живее како насекаде – со смеа и гушкања и со неправди и осаменост. Разноликоста на ликовите и нивните приказни му дава висока книжевна вредност на ова дело, кое осветлува поинакви начини на размислување за еден поинаков свет кој цели кон прифаќање и разбирање на Другиот, поинаквиот, оној кој често во реалноста останува на маргините.

Финалистите беа објавени на книжевниот настан што годинава првпат се одржа во Скопје, во КСП „Центар – Јадро“, на кој се обратија членовите на првата и на втората жири-комисија, составена од книжевници, критичари и уредници од регионот.

За „Тринаесеттиот“, Дафина Веселиноска, членка на првото жири, истакнува: „Посакувам книгава да постоеше додека растев и сакам да им ја подарам на сите деца што ги знам! Романот раскажува за момче на кое му наоѓаат засолниште во зградата на месеците (да, буквално, месеците низ кои годишно минуваме се антропоморфизирани и имаат своја станбена зграда), со што им се нарушува секојдневието. Овој едноставен и фантастичен наратив авторката го ползува за да отвори теми поврзани со родот, семејното насилство, загадувањето на средината, миграционите политики, транс и квир идентитетот, трансфобијата и хомофобијата, колективната грижа и одржувањето на заедницата“.

Изборот „Штефица Цвек“ веќе пет години обединува, чита и наградува книги кои истражуваат феминистички, еколошки, антифашистички, квир, антиколонијални и други перспективи пишувани на македонски или на БХСЦ-јазиците. Меѓу седумте наградени книги се најде уште една од Македонија – илустрираната книга за деца и возрасни со еколошка тема, „Памук“ од Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски

Сподели: