Вести Свет Ударни вести

Русија ги интензивираше нападите над Украина за време на празниците

Сподели:

 

Повеќе експлозии го потресоа Кијив и други области во Украина за време на новогодишната ноќ од што загина најмалку едно лице а 14 беа повредени откако Русија ги интензивираше нападите, објави „Асошиејтед прес“.

Украинските власти тврдат дека Русија намерно ги таргетира цивилите, сакајќи да создаде страв меѓу населението уште на почетокот на 2023 година.

Првата дама на Украина, Олена Зеленска изрази огорченост од фактот што вакви масовни ракетни напади се случуваат непосредно пред новогодишната ноќ.

„Уништувањето на животите на другите е одвратна навика на нашите соседи“, рече таа.

Експлозиите, исто така, дојдоа со невообичаено забрзан ритам, кој ги вознемири властите само 36 часа откако Русија лансираше низа проектили во четвртокот за да ги оштети објектите на енергетската инфраструктура.

 

Фото: Претседателски кабинет на Украина, Кирило Тимошенко

 

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја истакна суровоста на цивилните жртви од оваа последна офанзива – „овој пат цел на масовниот ракетен напад од Русија се станбени области, дури не е ниту енергетската инфраструктура“.

Како што објави „Асошиејтед прес“ (АП), смртоностна експлозија во главниот град на Украина се случила во станбените згради во областа Соломиански.

Фоторепортерот на АП на местото на експлозијата видел тело на мртва жена додека нејзиниот сопруг и син стоеле блиску до неа. Покрај повредените кои биле згрижени во болница била и повозрасна жена.

Градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, рече дека исто така биле оштетени и две училишта, како и една градинка.

Заменик-шефот на претседателскиот кабинет, Кирило Тимошенко, објави фотографии и видеа од делумно разрушениот шесткатен хотел во Кијив. Градоначалникот Кличко, пак, рече дека меѓу повредените во главниот гра е и еден јапонски новинар.

„Русија лансираше 20 крстосувачки ракети над Украина во саботата попладне, од кои украинските сили соборија 12“, изјави началникот на украинската војска, генерал Валериј Залужни.

Принтскрин од видео обраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски | Извор: Укринформ.нет

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видео-обраќање набргу откако Русија ги лансираше новогодишните крстосувачки ракети над Украина, велејќи дека рускиот претседател Владимир Путин „се крие зад војската, зад проектилите, зад ѕидовите на неговите резиденции и палати“. Обраќајќи им се на Русите, тој додаде дека „никој во светот нема да ви го прости ова. Украина нема да прости“./Мета.мк

 

Сподели: