Руските војски ја нападнаа Украина – експлозии во голем број градови

Сподели

 

Руската војска рано утрово, околу 5 часот по локално време ја започна воената инвазија на Украина, известува мета.мк. Земјата е нападната од повеќе правци, а експлозии има во повеќе градови, вклучувајќи го и главниот град Киев.

Самата инвазија ја најави претседателот на Русија Владимир Путин во ТВ обраќање утрово. Тој иако тврдеше дека нема да ја окупира Украина, додаде дека секој обид за спречување на нападот ќе биде отсечен.

Во видеообраќање утрово, претседателот на Украина, Володимир Зеленски рече дека на целата територија на Украина е воспоставенa воена состојба.

„Не паничете. Силни сме. Подготвени сме за сѐ. Ќе поразиме секого, оти ние сме Украина“, порача Зеленски.

Тој објасни дека Русија извршила напади на воената инфраструктура и на граничните единици на Украина. Нападнати се воени команди, воени аеродроми и воени магацини во Киев, Днипро и Харкив, соопштија украинските власти. Зеленски пред инвазијата говореше за околу 200.000 руски војници и борбени возила и механизација долж границата на Украина.

Фото: Државна гранична служба на Украина

Според досегашните сознанија, руските војски во Украина влегле преку Белорусија и преку Крим, но и преку границата во регионот на Харкив и Луханск. Навлегуваат и тенковски дивизии и друга воена механизација.

Има извештаи за експлозии во неколку украински градови, а се слушаат пукотници близу Бориспил, главниот аеродром во престолнината Киев. Во градот со околу три милиони жители вијат сирените за тревога.

Од Украинската амбасада во Скопје во соопштение за медиумите посочуваат дека ова е „неоправдана лажна и цинична инвазија“.

Оттаму велат дека се извршуваат удари врз воени и други важни одбранбени објекти, нападнати се гранични единици, додека ситуацијата во Донбас е деградирана, а како што додаваат „вооружените сили на Украина, сите специјални и органи на прогонот на државата се во готовност“.

„Нашите дипломати го информираат светот за тоа што се случува. Украинците никогаш никому нема да ја дадат својата слобода и независност. Само ние самите, сите граѓани на Украина, од 1991 година ја одредуваме нашата иднина. Но, сега се решава судбината не само на нашата држава, туку и тоа, каков ќе биде животот во Европа“, порача амбасадата на Украина во Скопје.

Претседателот на САД, Џо Бајден порача дека Вашингтон и неговите сојузници ќе одговорат на здружен и одлучен начин на „непредизвиканиот и неоправдан напад на руските воени сили“ на Украина.

Русија ја почна војната во Украина само неколку дена откако Путин ги прогласи за независни држави самопрогласените „Донецка народна република“ и „Луганска народна република“, кои се раководени од Руси.

Со месеци пред почетокот на инвазијата, рускиот државен врв, вклучувајќи го претседателот Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров постојано повторуваа дека Русија нема намера да ја нападне Украина.