Самит на ЕУ во Tрст: Над 500 милиони евра за Западен Балкан

Сподели

Вчера заврши самиот на ЕУ и на земјите на Западен Балкан во Трст, на кој европските лидери покажаа дека се грижат за Западниот Балкан, додека лидерите на земјите од регионот можат да се вратат дома задоволни од ветените инвестиции во инфраструктурата и енергетиката.

За македонскиот премиер Зоран Заев Македонија е голем добитник во Трст. ЕУ донесе одлука да ја финансира изградбата на делницата Крива Паланка-Бељаковце во должина од 34 километри со 70 милиони евра. Целиот проект ќе чини 152 милиони евра. Останатиот дел од парите Македонија ќе треба да ги обезбеди преку кредит од Европската банка за обнова и развој во вредност од 75 милиони евра.

Заев изјави дека Владата ќе се насочи и кон исполнување на обврските околу договорот за основање енергетска заедница за Југоисточна Европа.

Овогодинешниот самит за Западен Балкан во Трст е под покровителство на италијанскиот премиер, Паоло Џентилони. Овој самит е дел од Берлинскиот процес, а учесници беа шесте земји од Западен Балкан и четирите земји членки на ЕУ: Германија, Aвстрија, Франција и Италија. Годинава на Конференцијата се вклучи и петта држава – Велика Британија во улога на следен домаќин во 2018 година. Во својство на набљудувачи во процесот остануваат Словенија и Хрватска.
Целта на Берлинскиот процес е креирање на рамка за унапредување на односите меѓу земјите од регионот во насока на достигнување на економски развој и раст, односно постигнување на забрзан реформски напредок во интерес на поскора интеграција кон ЕУ.