Второто издание на манифестацијата “Самоиницијатива 2025” и четвртото издание на културно – уметничкиот настан “Културна детоксикација”, се одржаа во Занаетчиски дом, во организација на Art Attack festival и Александар Краљевски, под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општината, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово.

Публиката имаше можност да проследи промоција на книгата “Rock’N’Beat” од Мишко Грбевски, проекција на филмот “Борби со ветерници” на Борјан Гаговски и настап на повеќе музички групи од Македонија, Србија и Хрватска: Elizabeta Bam (Загреб), Митско биќе (Белград), Хајка (Скопје) и други изведувачи од земјава, кои се претставија во ритамот на панк, алтерантивен рок, гранџ и стихови низ кои беше потенцирана апсурдноста на секојдневието.
Манифестацијата е дел програмата на ФИЈУК САЕМ, настан за промоција на независното издаваштво, инициран од колективот Матријаршија од Белград, со цел да се соберат на едно место поголем број на мали издавачи, кои се занимаваат со уметничка продукција и издавање на книги, фанзини, весници, цртежи, скици, слики, фотографии и музика.
Ваков тип на фестивал егзистира во Хрватска, Словенија и Шведска, со тенденција да се шири и да вмрежува културни и музички содржини, кои би ја поврзувале публиката на глобално ниво.


