ВМРО-ОКГ вчера, по реакцијата на европскиот известител Томас Вајц дека неговото интервју во кое вели дека нема никаков напредок на реформите во Македонија е старо, веднаш направи напад врз СДСМ. Европскиот пратеник Томас Вајц изјави дека неговото интервју за бугарската телевизија е старо (снимено пред повеќе од седум недели, на почетокот на март) и дека Северна Македонија во меѓувреме забележала некаков напредок.
Вајц истакна дека земјата уште има време да ги исполни обврските од реформската агенда до јуни. Истовремено, Вајц повторно потврди дека „основниот и клучен услов за напредок и за продолжување на преговорите со ЕУ е внесување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија“.
Без тоа, според неговите зборови, нема да има понатамошни чекори. Значи ли ова дека Мицкоски и ВМРО-ОКГ се подготвуваат да го направат она што јавно го негираат: да внесат Бугари во Уставот?!
Ова е голема вест за граѓаните на Македонија и голем чекор кон продолжување на ЕУ интеграциите. Граѓаните имаат право да ја знаат вистината. Нека Мицкоски и владата јасно и јавно кажат:
Дали се подготвуваат да го менуваат Уставот за да внесат малцинства, а со тоа и Бугари? Со оглед на тоа дека тоа е единствената работа која моментално може да ја помести Македонија од мртвата точка во преговорите.
Прашањето за малцинствата во Уставот не смее и не може да биде дел од проблемот, се наведува во денешното соопштение на СДСМ.


