Вести Македонија

„Шарена револуција“: Имате рок до 18 јуни или ќе ја земеме демократијата во свои раце

Сподели:

transparent1-860x670

Во крваво црвена боја демонстрантите вечерва го обоија плоштадот „Македонија“ каде пред точно 5 години беше убиен Мартин Нешковски за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ. Активистите и граѓаните организирани од граѓанската иницијатива „Протестирам“ и „Шарената револуција“ на власта и дадоа рок до 18 јуни да ги исполни нивните две клучни барања.

– Првиот чекор од нашиот план беше повлекување на аболицијата што денеска се случи откако Иванов ги повлече сите помилувања. Планот содржи уште два важни чекори кои мора да се направат. Уставниот суд да се произнесе за уставноста на СЈО на кое му се заканува ризик да биде прогласено за неуставно а партизираниот суд да ги заштити криминалците. Второто барање е да запре прогонот на демонстрантите и да бидат повлечени сите пријави против лица кои протестираат – рече активистката Симона Спирковска.

Таа додаде дека доколку нивните барања не се исполнат до 18 јуни граѓаните ќе ја земат демократијата во свои раце и на свој начин.

Активистите на „Шарената револуција“ ги повторија и претходните барања да се формира преодна влада што ќе ги организира изборите и ќе ги спроведе реформите од извештајот на Прибе, формирање на Специјално одделение во судот кое ќе ги процесуира случаите на СЈО, оставка на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и оставка на Ѓорге Иванов од функцијата претседател.

Демонстрантите рекоа дека го менуваат форматот на протести со најава дека тие ќе бидат радикализирани, а во среда точно на пладне ќе ги блокираат сите сообраќајници во Скопје бидејќи „оваа власт 10 години го блокира нормалниот живот во Македонија“.

Протестот кој денеска беше масовен и на кој излегоа повеќе илјади граѓани почна пред СЈО од каде демонстрантите продолжија преку булеварот Климент Охридски до владата. На крстосницата кај Соборен храм тие го пробија полицискиот кордон и еуфорично тргнаа кон Владата која повторно беше обоена во боите на „Шарената револуција“.

 http://meta.mk/sharena-revolutsija-imate-rok-do-18-juni-ili-ke-ja-zememe-demokratijata-vo-svoi-ratse/

Сподели: