„Шарли ебдо“ објави карикатура од рускиот авион, Москва реагира

Сподели

Францускиот сатиричен магазин „Шарли ебдо“ во својот најнов број објави карикатура на којашто е прикажана несреќата на авионот на руското Министерство за одбрана кој се сруши пред четири дена во Црното море при што загинаа 92 лица, пренесува 24 Вести.

На еден од цртежите е прикажан падот на авионот, а водачот на оркестарот го изведува тонот „а“, со натпис „Репертоарот на хоровите на Црвената армија се проширува“.

Москва реагираше бурно на карикатурата. Комесарот за човекови права, демократија и владеење на правото при Министерството за надворешни работи на Русија, Константин Долгов изјави дека францускиот магазин го изгуби човечкото достоинство објавувајќи карикатура од несреќата на рускиот авион.

„Објавувајќи карикатура од трагедијата на авионот Ту-154, вработените во „Шарли ебдо“ потполно себеси се исфрлија од редовите не само на новинарите, туку и од сите цивилизирани луѓе“, напиша Долгов на Фејсбук.

Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека раководството на Франција нема никаква врска со работата на овој магазин и дека вработените во редакцијата на овој неделник се слободни да ги изразат своите ставови.

Сатиричниот магазин во своето последно издание објави и карикатура на убиството на рускиот амбасадор Андреј Карлов во Турција. Ова не е прв пат истиот магазин да објавува контроверзни карикатури за Русија, во ноември 2015 година објави цртеж на тема несреќата на рускиот авион „Когалимавиа“ А321 во Египет во која загинаа 224 лица, што исто така предизвика остри критики од страна на Русија.

Магазинот објавуваше и карикатури на пророкот Мухамед, а на 7 јануари 2015 година беше изведен џихадистичкиот напад во редакцијата кога беа убиени 12 лица.