Сиљановска Давкова-Руте: Најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е негова итна и целосна интеграција во ЕУ

Сподели:

На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој престојува во прва официјална посета.

Сиљановска-Давкова и Руте одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.

Според претседателката, посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во време на растечки непредвидливи предизвици е јасна потврда за важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност во рамките на НАТО.

Таа го информираше генералниот секретар за неделната седница на Советот за безбедност на којашто беше заклучено дека и покрај моментално стабилната внатрешна состојба, се наметнува нужност од постојaно следење на галопирачките настани и навремено и соодветно реагирање на истите.

Претседателката укажа на македонското посветено и доследно однесување кон преземените обврски на Самитот во Хаг и Велс во поглед на издвојувањето од БДП за одбраната.

Исто така, таа ја потенцираше активната улога на македонската армија во меѓународните борбени мисии, насочена кон одвраќање и заедничка одбрана на НАТО просторот. Во разговорите не изостана ни поддршката на Украина.

Генералниот секретар на средбата ја потврди значајната македонска улога во безбедноста на Западен Балкан, при што порача дека регионот е од стратешко значење и Алијансата нема да дозволи да се појави безбедносен вакуум.

Обајцата се согласија за итноста на интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ, како најсоодветно решение за отпорност кон трети влијанија, но и безбедност не само на Западен Балкан, туку и на Европа.

“Очекувам на претстојниот Самит на НАТО во 2026 година во Анкара, особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан, со оглед на актуелните настани и предизвици. Укажувам дека мора да ставиме крај на вештачките причини и на причините од историски и идентитетски карактер за оневозможување на регионалното членство во ЕУ и да се концентрираме на Копенхашките критериуми.

Одговорно тврдам дека најголемата инвестиција и гаранција, не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членството на Западен Балкан во Европската Унија,” изјави Давкова по средбата со Марк Руте.

Сподели: