ДУХОВНИ МРШОЈАДЦИ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

litovski foto

Десетте последни години кај нас се намножија „творци“ кои со помош на државните субвенции и дотации направија „име“ и пари. Тоа се еден вид духовни мршојадци, кои заради успешниот политички опортунизам поставен врз антиопозициона и антикомунистичка некрофилија, успеале целосно незаслужено, да насоберат околу себе вреќи со „творечки“ и финансиски капитал. Тие ситни „интелектуалци“ само лежат врз своето „богатство“ кое се состои од вреќи полни со безвредни „творечки“ глупости и вистински пари и гракаат на секого за кого мислат дека сака да им ги одземе привилегиите кои им ги овозможила власта. Овие бедни интелектуални креатури денес се дури повеќе антипатични од оние вистински дебели и мрсни банкари кои „цицаат крв“ или од грдите портокалови мафијаши, кои освен што не ограбија, ни ја одзедоа и слободат и правдата.

За духовните мршојадци треба да се знае дека се недоверливи и страшливи, суетни и злорадосни, неурамнотежени и со голема нервоза, оптеретени со разни фобии и мании, со мизантропија и солипсизам, ама и со импозантна амбиција и искрена подготвеност за „гозба“ од остатоците од државниот буџет. Како такви, овие грабливци живеат во кругот на своите ситни кафеански трачеви, оговарања, измами, клевети, досетки и шеги. Тие се, скоро редовно, „љубопитното уво“ од соседната кафеанска маса и се многу опасни при прераскажувањето на ситните дискретности кои ги слушнале. Во секој случај редовно се јавуваат како полициски денунцијанти и политички кодоши кои лансираат невистинити и злонамерни „новости“. Тие, всушност, живеат од чистата глупост на празноглавите порокалови властодршци и нивните поддржувачи, но и од поддршката и поттикот на инфантилните и импотентните завидливци низ културните кулоари и катакомби.

Духовните мршојадци, всушност, се обични полтрони. Свитливи се во разни насоки, морално се слаби и лесно се поткупливи. Тие се ситни сметкаџии, кои со држење на линијата на најмал отпор и најголема добивка, секогаш сакаат убаво и лагодно да живеат. Тие никогаш не прават ништо без да си обезбедат профит, без заштита, без нечиј протекторат… Секогаш си оставаат простор, во неповолни околности, да можат да преминат на страната на победниците. Но, сè додека портокаловите газди им даваат субвенции, авторски хонорари, тендери или им одобруваат „творечки“ проекти, сè дотогаш тие се спремни за анталогиски лигавења и упикувања при одбраната на портокаловиот криминал, корупција, неморал…

Овие интелектуални мршојадци немаат свое „внатрешно“ лице, туку се некој вид фолиранти, имитатори кои умеат скоро совршено да изимитираат лажен националистички патос, лажна велеученост или лажна патриотска посветеност. Често пати се манијаци, тешко оптеретени психопати, хистерични кавгаџии, кои реагираат крајно агресивно, со безмилосно и бесмислено етикетирање на евентуални негативни оценки за нивната „креативност“ и „работа“. Тие се духовни монструми со изобличен внатрешен профил, колебливци кои паѓаат од една во друга крајност, луѓе на кои идеалот за убавина им кореспондира со „нивниот“ грандиозен бронзен споменик во центарот на Скопје. Заради сите тие причини, тие не можат да бидат луѓе од доверба, туку само извршувачи на туѓи наредби и плитки апологети.

На овие духовни мршојадци сосема убаво и пријатно им мирисаат човечките трупови, добро им изгледа моралниот гнилеж и уживаат да ги слушаат пискотниците на човечкиот страв, па затоа од нив го доживеавме и најдегутантното можно однесување – „плазење јазик над мртвите.“ (фраза позајмена од хрватскиот литературен историчар и критичар Драгутин Прохаска) Имено, овие интелектуални лилипутанци ја измислија лустрацијата и јавајќи на ветерот од антикомунизам, ја употребија за пресметка со мртвите духовните национални величини од типот на Славко Јаневски, Лазар Мојсов, Коле Чашуле…, а згора на тоа секојдневно глодаат по светлиот спомен на Блаже Конески, Илија Милчин, Димитар Солев, Димитар Митрев, Ѓорѓи Абаџиев и сите останати, најзначајни, основоположници на македонската национална култура и уметност…

Во времето што доаѓа, една од главните опасности ќе биде можноста духовните мршојадци со својот истрениран политички опортунизам да ја променат страната и да се приклучат на политичките победници. Ако таквата опција се овистини, тогаш за брзо време, сосема сигурно, нема да доживееме ниту вистинска промена, ниту вистинско поместување кон подобро и поправедно македонско општество.