СЈО КАКО ЖРТВЕНО ЈАРЕ – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Судбината на СЈО од неговото формирање од денес дава најсликовит приказ на состојбите во македонското правосудство, а со тоа и на односот на владејачките политички елити кон високоорганизираниот криминал во државата. Бевме сведоци дека овој институт уште од првиот ден беше изложен на фронтални напади од страна на тогашната владејачка партија, сега во опозиција, со цел да се оневозможи или поништи неговото законско функционирање и на тој начин да се спречи судската одговорност на голем број нејзини функционери, замешани во мноштво најтешки кривични дела.

Едно новинарско истражување од тој период ќе регистрира дека само за седум месеци од 2016 година имало преку илјада партиски соопштенија, пратенички дискусии, изјави на високи политичари, директори на јавни служби, општински градоначалници во кои најбрутално се напаѓала работата на СЈО и главната обвинителка Катица Јанева, со директни барања неговите истраги да бидат прекинати, а самото обвинителство да биде расфрмирано.Треба да се напомене дека во таа безочна кампања беа вклучени речиси сите носители на врвни државни функции, почнувајќи од шефот на државта Ѓорѓе Иванов, тогашниот премиер Никола Груевски, првиот парламентарец Трајко Велјаноски, завршувајќи со голем број министри и директори на државни служби. Посебно впечатливо беше што во тој оркестриран поход против СЈО беа впрегнати и личности чија основна дејност беше токму борбата против криминалот и политичките злоупотреби, како што се претседателот на врховниот суд, првиот човек на судскиот совет, државниот јавен обвинител, раководителите на кривичните судови, односно целокупниот систем ставен во служба на заштита на беззаконието.

Но, и покрај тоа што во извештаите на Прибе, реформите во судството беа потенцирани како еден од најважните приоритети, две години по смената на власта во овој домен не се направени позначајни исчекори: И понатаму продолжува прогонот на СЈО и неговите истраги од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која што преку одделни судски инстанци, пред сѐ на врховниот суд и републичкиот судски совет (раководени од верни прврзаници на претходниот режим) успеа да извојува правни блокади со кои што беа анулирани голем број досегашни истраги и пресуди на СЈО, доведувајќи го во прашање и самото негово натамошно постоење. Притоа, како резултат на таа политичка спрега беше овозможено повеќемина осомничени и веќе осудени поранешни функционери да побегнат од земјата или да бидат поштедени од кривична одговорност.

Поради тоа, разочараната јавност со право се прашува дали веќе отпишаните “бомби на Заев” имаа за цел само да се издејствува промена на власта или пак тие требаше да бидат главниот детонатор за демонтирање на корумпираниот систем и почеток на коренита општествена трансформација, при што на СЈО мораше да му се обезбедат законски можности целосно и до крај да ја извршува својата дејност. Вака, се добива впечаток дека СЈО свесно се жртвува на евро-атлантските потреби на државата, проследени со низа политички отстапки и компромиси на сметка на судската правда.

Во тој контекст, настојувањата преку новиот закон за обвинителството да се спаси СЈО, со негово припојување во негото обвинителство, за жал, повторно води кон нови политички пазарења, овозможувајќи ѝ на опозицијата да наметне што поголеми ограничувања на досегашните обвинителски овластувања. Првиот услов поставен од опозицискиот лидер Мицкоски за смена на Катица Јанева од челното место на СЈО, јасно сигнализира каква ќе биде цената што треба да се плати за гласовите неопходни за усвојувањето на тој закон.

Фактот дека партијата чие водство произведе таков обем на тежок државен криминал сега добива позиција да одлучува за досегот на предвидените судски реформи остава малку простот за оптимизам дека тие ќе завршат успешно. Едноставно, во услови кога актуелната власт е принудена да прифаќа партнерство со политички фактори оформени врз криминално-корупциска матрица, тешко може да се поверува дека владеењето на правото има некакви изгледи конечно да загосподари на овие македонски простори!