Скандал за време на седницата на Советот за безбедност на ОН

Сподели

sirija

Претставникот на режимот на Асад во Обединетите нации (ОН), Башар Џафери, предизвикал скандал на седницата на Советот за безбедност кога приложил фотографија од масакр во Алепо извршен од страна на режимот, претставувајќи ја како ‘напад на опозицијата’, јавува Anadolu Agency (AA).

Ден претходно, Советот за безбедност на ОН свика итна седница поради хуманитарната криза во Алепо.

На седницата зборуваше и постојаниот претставник на Сирија, Башар Џафери, кој покажа фотографија на која се гледаат тела на убиени цивили во воздушните напади на режимот.

Претставникот на Сирија во ОН, Џафери, рече дека на фотографијата се прикажани цивилите жртви на опозициските напади:

„Денеска (30 ноември) десетици цивили бегаат од источен Алепо кон западен Алепо, од територијата што е под контрола на опозицијата. Обидувајќи се да пристигнат во подрачјата што се под контрола на сириската армија, овие лица се убиени од страна на терористите кои претрпеле генетски промени и станале умерена опозиција, поддржана од страна на САД, Британија и Франција“.

Дописниците на АА, анализирајќи ја фотографијата подетално, одблиску, на виделина ја изнеле лагата на режимот. Потоа стапиле во контакт со дописникот и творец на фотографијата, Ариф ал Ариф, од медиумскиот центар во Алепо.

– „На местото каде што ја направив фотографијата пронајдовме парчиња гранати што ги користи режимот“

Дописникот Ариф за АА изјави дека конкретната фотографија е изработена во улицата „Џуб Кубе“, на која се гледа кадар од масакрот на режимот.

„Кога видов дека Џафери ја претставува фотографијата, се шокирав. Јас сум еден од новинарите што пристигнаа на местото на нападот на режимот во „Џуб Кубе“. На местото каде што ја изработив фотографијата најдовме парчиња гранати што ги користат силите на режимот. Во „Џуб Кубе“ режимот ги имаше за цел цивилите. На местото на нападот влеговме со екипите на цивилната заштита. Џафери и режимот се мајстори за лаги. Џафери го прави тоа за да го оправда убивањето на цивилите од страна на силите на режимот и Русија. Зарем е нормално опозицијата да ги гранатира цивилите во источен Алепо кои бегаат од бомбите на режимот? Зарем режимот не е тој што ги срамни со земја болниците во градот? Зарем и тоа го направи опозицијата?“ вели Ариф.

– „На фотографијата е прикажан напад на режимот во кој се убиени 45 цивили“

Слична фотографија од местото на настанот има направено и дописникот на АА, Ибрахим Ебу Лејс. Лејс во врска со лагите на Џафери го рече следното:

„Слична фотографија на онаа што Џафери ја држи во своите раце направив и јас, токму од местото на настанот. На фотографијата на Ариф се наоѓаат 45 цивили убиени од страна на режимот. На кадарот е прикажана улицата „Џуб Кубе“, која е под контрола на опозицијата, бомбардирана од воздух и гранатирана од страна на силите на режимот при обидот на цивилите да ја напуштат територијата што се гранатира. И екипите на цивилната заштита собраа голем број докази дека нападот е извршен од страна на силите на режимот“.

Во последните три месеци, околу 300.000 цивили се под опсада на режимот во источниот дел на Алепо. Режимот на Асад и неговите поддржувачи продолуваат со своите напади на насилство од воздух и од копно. Нападите се интензивираа по 15 ноември. Во последните 17 дена, повеќе од 750 цивили се убиени, а околу 2.500 се ранети во нападите. Болниците и училиштата се надвор од употреба. Илјадници цивили и понатаму мигрираат во населбите што се под контрола на опозицијата, за кои сметаат дека се релативно побезбедни.

Заменик-генералниот секретар на ОН и координатор за итни случаи, Стефан О’Брајан, на состанокот на СБОН истакна дека 150 дена режимот го држи под опсада градот Алепо.

„За да не се претвори источниот дел на Алепо во една џиновска гробница, во име на човештвото молиме да се овозможи пристап до местата што се под опсада за да се заштитат цивилите“, рече тој.