Со традиционално читање на “Т’га за југ”, свечено отворање на 62. „Струшки вечери на поезијата“

Сподели

 

Со традиционално читање на „Т’га за југ“ и палење на поетскиот оган, вечер на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, со почеток во 20:00 часот, свечено ќе биде отворено 62. издание на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Фестивалските настани ќе почнат точно напладне со садење дрво во Паркот на поезијата, а во чест на годинашниот лауреат и добитник на „Златниот венец“, македонскиот поет Влада Урошевиќ.

Фестивалот, кој ќе трае до 28 август, годинава се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“.

Оваа година главните поетски читања ќе ги предводат над 25 странски и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

Во рамките на програмата, на 26 август во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид ќе се одржи поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен венец“, Влада Урошевиќ.

Претходно, пак, во црквата „Св. Софија“ ќе се одржи свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, кој бил и претседател на првиот фестивалски одбор.

Чествувањето на Шопов ќе продолжи со изложба на фотографии поврзани со неговото учество на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот. Истовремено ќе бидат промовирани и негови преведени изданија на неколку јазици.

Годинашната програма предвидува и портрети на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли, и на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, Димитар Башевски.

Во рамките на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“, а по  повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, ќе биде отворена и изложба за животот и делото на овој унгарски поет.

Предвидена е и тркалезна маса на тема „Поетскиот јазик и вештачката интелигенција“.

Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година ќе биде издадена Антологија за поезијата и флората, со наслов „Меѓу дрвјата“, чиј приредувач е македонскиот поет и филозоф Иван Џепароски.

Програмата на фестивалот целосно ќе се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП.