Собранието ги избра новите министри, но со многу пцовки и навреди

Сподели:

Собранието ги избра новите министри во рамки на реконструкцијата на Владата, предложена од премиерот Христијан Мицкоски.

За нов министер за правда е избран Јетон Шасивари член на Вреди, министер за земјоделство Борче Серафимовски од ЗНАМ, нов министер за односи меѓу заедниците Агон Ферати од Вреди, министер за здравство Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ, министер за туризам и култура Седат Сулејмани од Вреди, министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ, министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ од ДПСМ, а нов министер без ресор е Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ. 

Сите министри беа избрани со 69 гласа „за“, без ниту еден воздржан и против.

Премиерот Христијан Мицкоски и Иван Стоилковиќ со навреди и непримерно однесување кон пратеници на опозициската партија ја завршија седницата, но од опозицијата бараат извинување. Според СДСМ, тоа претставува говор на омраза кој сигурно може да роди насилство. А тоа што следеше по прекинувањето на седницата беше вистински напад, не само вербален, од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници не само вербално, туку и со пцовки.

И премиерот Мицкоски упати непримерни зборови кон Фатмир Битиќи: Овој исфрустриан и мизогин лик во политиката ќе остане препознат по тоа што својата етничка припадност ја користи само да ги прикрие своите слабости.

Во завршното обраќање Мицкоски им се извини на пратениците и на граѓаните за инцидентот што настана во Собранието кога кандидатот за министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, навредуваше и пцуеше неколкумина пратеници од опозициската СДСМ.

Сподели: