Совет на амбасадори: Бугарија наметна трговија со македонскииот идентитет и јазик и со факти од историјата

Сподели

 

Советот на амбасадори го истакнува уште еднаш ставот дека на последните денови на неприфатлив начин се доведуваат во прашање односот и соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија со објаснувачкиот Меморандум упатен од бугарска страна до членките на ЕУ пред започнувањето на првата меѓувладина конференција во декември оваа година, со која фактички ќе започнат и преговорите на нашата земја со ЕУ.

Советот е зачуден зошто официјална Софија се определи за таков чин во предвечерјето кој очекуваме да започне со позитивни одлуки и оценки за нашиот напредок и спремност за старт на преговорите .

Нашиот источен сосед на 31 октомври 2020, официјално преку странски медиум излезе и постави услови кои се практично уцена до нас како суверена и независна држава, притоа наметнувајќи непристојни прашања во вид на трговија со македонскииот идентитет и јазик и со факти од историјата.

Советот на Амбасадори ја смета за непристојна заканата на Бугарија  со  евентуално блокирање на патот кон членството во Европската унија ако Северна Македонија не признае дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени, како што бараат некои извори.

Советот на амбасадори отворено и со јасен став и аргументи уште еднаш нагласува дека вистината за посебноста на македонскиот народ и македонската нација се наоѓа во светските архиви во кои се чуваат документи и факти кои се предмет на обработка од страна на историчарите и во никој случај не може да биде предмет на пазарење од било која страна.

Република Северна Македонија од 2017 година решително отвори нова страница во односите и соработката со потпишаните договори со Република Грција и Република Бугарија и искрено започна со имплементација на значајни точки во договорите како тоа и прилега на земја со проевропска ориемтација.

Советот на амбасадори дава отворена поддршка на Претседателот Стево Пендаровски и Премиерот Зоран Заев во истакнатите позиции дека со вакви услови  и за вакви барања нема отстапки и компромиси.

Советот во оваа прилика ја нагласува улогата на Европскиот Парламент, Европската комисија и со големо одобрување ги толкува и прифаќа досегашните позитивните информации  дека патот за почеток на преговорите е отворен додека билатералните прашања и проблеми ќе треба да се решаваат како што е тоа предвидено со европското и меѓународното право и во духот на билатералната соработка, се наведува во соопштението на Советот на амбасадори.