Вести Изјави Македонија Ударни вести

Спасовски: Благодарение на пожртвуваноста на медицинските работници од денеска се вратив на работа во МВР

Сподели:

 

„Денеска е мојот прв работен ден во МВР после тешката битка со ковид-19. Најважно во справувањето со болеста е одговорноста што ја имаме како граѓани, и во почитувањето на мерките, и во заштита кон семејството, пријателите, колегите. Со почитување на мерките да покажеме дека ги почитуваме и здравствените работници. Затоа, им благодарам на сите кои се ангажирани во здравствениот систем, а наше е да им помогнеме секој на свој начин – да се носи заштитна опрема, да се споделуваат информации ако некој има симптоми, секој случај да оди преку здравствениот систем, затоа што пријавувањето на лекар е многу важно. Благодарам и на медииумите, за сето тоа што го правите да ја подигате јавната свест – сето тоа преставува помош. Апелирам сите заедно да си помогнеме и да излеземе како победници“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во „Студио 10“ на Телевизија 24. 

Тој на јавноста ѝ го пренесе личното искуство во справувањето со болеста и истакна дека најважна е посветеноста на лекарите, но и поддршката од семејството и пријателите.

„Размислував позитивно, како да ја добијам и оваа битка, покрај другите битки во животот. Оваа битка е животно искуство, но со голема со поддршка на лекарите, на семејството, на пријателите ја добив. Не помислував на ништо на друго освен позитивно – да се вратам на работа и да продолжам да им служам на граѓаните. Затоа најголемата поддршка треба да ја имаат лекарите кои неуморно, 24 часа, се посветени да спасат сечиј живот“, раскажа министерот, кој низ личната исповед од борбата со ковид-19, ја пренесе и сликата од Инфективната клиника во Скопје.

„Бев на Инфективната клиника во Скопје и видов посветност и пожртвуваност – и тоа заслужува секаква почит! Кога имаше теории на заговор дали постоел вирусот и сега, кога ја гледаме реалноста, неопходно е секој граѓанин да помисли на секој еден болничар, сестра, лекар, кои секојдневно се борат за сечиј живот и затоа сметам дека на здравствениот систем му треба поддршка. Таму видов професионалност, пожртвуваност кон буквално сите пациенти“, рече Спасовски на Телевизија 24.

Сподели: